Путин официјално ја прифати поканата да ја посети Кина

Во средата рускиот претседател Владимир Путин официјално ја прифати поканата да ја посети Кина во октомври, објави рускиот весник Ведомости.

Тоа би било прво познато патување на Путин во странство откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење против него за депортирање деца од Украина – обвинение што Кремљ го негира и тврди дека децата се евакуриале од воените зони и оти се враќаат во Украина кога ќе се појави законски старател или крвен роднина.

Во средата, Путин беше домаќин на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на разговори во Санкт Петербург.

Во вторникот, Николај Патрушев, близок сојузник на Путин и секретар на Советот за безбедност на Русија, рече дека Путин ќе се сретне со кинескиот претседател Кси Џинпинг на разговори во Пекинг во октомври.

Кина и Русија имаат заедничка желба да се спротивстават на она што тие го гледаат како американска хегемонија, пишува AFP.

Во однос на конфликтот во Украина, Кина се обидува да се позиционира како неутрална земја, и покрај изразената поддршка за Русија, која е погодена од бранот меѓународни санкции поради инвазијата на Украина.