Путин: Оружјето со долг дострел испорачано на Киев може да има „сериозни последици“ за Европа

Рускиот претседател Владимир Путин ја предупреди Европа со „сериозни последици“ доколку на Украина ѝ се дозволи во иднина да користи прецизно оружје со долг дострел доставено од Запад против руска територија, за што се залагаат во Европската унија.

„Тие претставници на НАТО, особено во Европа и особено во малите земји, би треабло да сфатат со што си играат“, рече Путин во вторникот доцна вечерта во узбекистанската престолнина Ташкент, на крајот од државната посета.

Навести дека Русија може да преземе воени противмерки и рече дека особено помалите земји не треба да заборават дека нивните територии не се големи и дека се густо населени.

„Претставниците на земјите од НАТО, особено во Европа, особено во малите земји, мора да бидат свесни со што си играат. Тие мора да запомнат дека тоа се, по правило, држави со мала територија, со многу густо население. Тие мора да го имаат на ум овој фактор пред да извршат напади длабоко на руска територија“, нагласи Путин.

Го обвини Западот дека продолжува со ескалацијата на конфликтот во Украина започната со поддржување на насилниот преврат во март 2014 година во Киев. Современите вооружени системи како што е ракетниот систем ATACMS не се управувани од украински војници, туку од висококвалификувани експерти на НАТО врз основа на податоци од сателитски извидување, ппосочи рускиот претседател.

Досега ова оружје најмногу, како и во периодот по превратот во 2014-та, беше насочено кон одметнатите југоисточни украински региони со мнозинско руско и рускојазично население.

Путин особено го критикуваше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој се залага за гаѓање воени цели на руска територија. Столтенберг се повика на правото на Украина на самоодбрана, но ги премолча украинските напади врз исклучиво цивилни цели, како во Донбас така и во пограничните руски градови.

Украина бара дозвола од САД и другите западни земји да користи ракети и крстосувачки ракети за да ја нападне Русија со цел поефективна борба против непријателот. Но тоа не може да се оствари без обучен кадар за софистициранот оружје, на кое му се потребни прецизни сателитски податоци, што значи дека може да биде употребувано само од кадар на НАТО и со користење на неговата разузнавачко-сателитска инфраструктура.

Западот тврди дека за овие напади Киев досега главно користеше дронови наводно од сопствено производство. Досега руската војска можеше да групира единици преку границата за нови напади на украинска територија или да бомбардира градови во близина на границата, како што е Харков, со авиони од безбедна позиција без практично никакво мешање. Меѓутоа, руската војска контролира повеќе од петтина од украинската територија од пред 2014-та, а покрај тоа украинската противвоздушна одбрана е реиси потполно уништена, вклучително и ракетните системи „Patriot“ испорачани од западните сојузници на Киев.

Според Путин, таквото одобрување од западните земји би претставувало директна конфронтација меѓу Русија и Западот. Исто така, ја доведе во прашање можната заштита на земјите од НАТО од страна на САД. „Ако се материјализираат сериозни последици за Европа, како ќе се однесуваат САД со оглед на нашиот паритет во стратешкото вооружување?“, реторички праша рускиот претседател.

Столтенберг треба да знае како се лансираат ракети

Рускиот претседател изрази увереност дека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг треба да знае како се подготвуваат нападите со ракети со долг дострел со кои Западот го снабдува Киев и сака да му одобри да ја напаѓа Русија.

„Доколку тој (Столтенберг) зборува за можноста за удари на руска територија со прецизно оружје со долг дострел, како човек кој води воено-политичка организација, иако е цивил како мене, сепак треба да знае дека ваквото оружје не може да се користи без помош од вселенски средства за разузнавање“, рече Путин одговарајќи на новинарско прашање во Ташкент.

Путин притоа истакна дека крајниот избор на целта, ткн задачата на летот, може да го сторат само висококвалификувани специјалисти врз основа на разузнавачки податоци од сателитите, како и податоци од техничко разузнавање. Посочи дека таквите активности и операции можат да се изведат без украински воен персонал, кој и не е обучен за такво оружје, туку исклучиво од воени стручњаци од земјите членки на НАТО.

„Ако за некои ударни системи, како што се (британските) Storm Shadow, тие задачи (мисијата) на летот може да се внесат автоматски, без никакво присуство на украински војници, кој го прави тоа? Тоа го прават оние кои ги произведуваат и оние коишто само ги испорачуваат во Украина тие ударни системи“, повтори рускиот претседател.

„А во другите системи, на пример, како што е (американскиот) ATACMS, исто така задачата може да биде зададена и да се стави во автоматски режим според соодветни пресметки. Тие можеби и не сфаќаат што вчитуваат и тоа може да биде украински екипаж. Но таа задача не ја подготвуваат украински воени тимови, туку претставници од земјите на НАТО“, појасни Путин на прес-конференцијата во Ташкент.