Путин: Ова не беше најдобрата ноќ во мојот живот, но се договоривме (видео)

Во Минск се завршени разговорите за разрешување на кризата и постигнат е договор, примирјето во источниот дел од Украина да започне на 15-ти февруари, изјави претседателот на Русија Владимир Путин по 16-часовниот маратонски состанок со претседателот на Украина Петро Порошенко, на Франција Франсоа Оланд, германската канцеларка Ангела Меркел и претставникот на ОБСЕ Хајди Тавалијан, јавува Раша Тудеј.

Освен тоа што ќе се воспостави примирје од 15-ти февруари, договорено е повлекување на тешкото вооружување, потоа Украина треба да спроведе уставни реформи во врска со почитувањата на правата на жителите на истокот на Украина.

-И покрај сите тешкотии во преговарачкиот процес, успеавме да се договориме за главните прашања, изјави Путин пред новинарите и додаде дека украинските војници мора да го положат оружјето.

– Ова не беше најдобрата ноќ во мојот живот, но се договоривме, изјави Путин.

Заедничко обраќање пред новинарите сепак нема да има. Лидерите учесници во преговорот дадоа засебни изјави.

фото/видео: RT