Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот изјави дека е подготвен на компромис во врска со Украина на можните разговори со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за завршување на војната, додавајќи дека руските сили се сѐ поблиску до постигнување своите приоритетни цели на бојното поле.
За време на традиционалната телевизиска прес-конференција и истовременото одговарање на прашањата поставувани преку директната телефонска линија беа примени повеќе од два милиона прашања поставени на Путин, а рускиот претседател му рече на новинарот на американски информативен канал дека е подготвен да се сретне со Трамп, со којшто, како што рече, не разговарал со години.
За време на претседателската кампања Трамп изјави дека брзо ќе ја заврши војната во Украина, но не наведе детали како ќе го постигне тоа. Според медиумските шпекулации, една од опциите е замрзнување на воените дејствија на моменталната линија на фронтот што би значело, барем привремено отстапување на украинска територија на Москва, што го отфрла украинскиот претседател Володомир Зеленски.
На прашањето што би имал да му понуди на Трамп, Путин го отфрли тврдењето дека Русија е во слаба позиција. Напротив, рече тој, Русија стана значително посилна откако започна како што ја нарекува „специјалната веона операција“ во Украина им кон крајот на февруари 2022 година со објавени цели да се „демилитаризира и денацизирана“ соседната земја и да се заштити од погром на националистичките власти во Киев тамошното руско и рускојазично население мнозинско во југоисточните региони на Украина, кои во меѓувреме ги анектираше Руската Федерација преку референдуми во летото 2023 гоина кои меѓународната заедниа не ги признава. Покрај тоа, едно од круцијалните барања на Москва е Украина да прогласи трајна воена неутралност и да се откаже од влегување во воени сојузи, всушност во НАТО што е амбиција на сегашните власти во Киев.
„Отсекогаш зборувавме дека сме подготвени за преговори и компромиси, но спротивната страна ги отфрли преговорите. А резултатите од преговорите секогаш се компромиси“, рече Путин.
Истакна дека руските сили напредуваат по целата линија на фронтот и дека сѐ се поблиску до исполнување на главните цели на бојното поле.
„Наскоро, според мене, ќе има недостиг од Украинци кои сакаат да се борат. Нема да остане никој да се бори. Ние сме подготвени, но и другата страна мора да биде подготвена за преговори и компромиси“, рече Путин.
Агенцијата Reuters, повикувајќи се на извори од Кремљ, во ноември објави дека Путин е отворен за разговори со Трамп за договор за прекин на огнот во Украина, исклучувајќи какви и да се територијални отстапки. Тој, исто така, инсистирал Киев да се откаже од својата амбиција да се приклучи на НАТО.
Путин тврди дека руските сили драматично враќаат квадратни километри територија, а не пропушти да ја пофали и непобедливоста на суперсоничната ракета „Орешник“ која беше тестирана на украинскиот фронт.
Притоа истакна дека „нема никакви можности да се собори Орешник“.
„Ако така мислат западните експерти, нека овозможат организација на високотехнолошки дуел. Ние сме подготвени за таков експеримент. Западните експерти нека одредат објект, да речеме во Киев, и таму нека ги распоредат сите свои противвоздушни и противракетни сили. Ние ќе гаѓаме со Орешнил. Па да видиме што ќе биде. Подготвени сме на тој експеримент, но дали другата страна е подготвена на тоа“, рече Путин
Путин го повика Израел да ги повлече своите сили од сириска територија, всушност од окупираната о 1967 година Голанска висорамнина, и сириските области во кои израелската војска навлезе по падот на власта на неговиот сојузник Башар ал-Асад.
Зборувајќи за Сирија, тој рече дека до новите сириски власти доставил предлози во врска со руските воени бази во таа земја и дека повеќето од луѓето со кои разговарала Москва се за нивно останување.
Додаде дека Русија мора да размисли дали базите ќе останат или не, а исто така истакна дека слуховите за слабеењето на руското влијание особно на Блискиот исток се претерани. Тоа го кажа во одговор на прашање од американски новинар со фразата од писателот Марк Твен.
Оценката дека повлекувањето на поддршката на Асад во Сирија ја покажува слабоста ја даде американскиот новинар Кир Харди Бренан-Симонс, како претставник на телевизискиот канал NBC News. Според него, на средбата со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, рускиот лидер наводно ќе биде во послаба позиција.
Путин истакна дека се придржува до поинаква гледна точка.
„Русија стана многу посилна во текот на претходните две или три години, бидејќи ние веќе не зависиме од никого. Борбената готовност на нашите вооружени сили е на највисоко место во светот. Ова го правиме самоуверено, со брзо темпо, што не е случај, да кажеме, за нашите противници“, нагласи Путин.
Притоа, забележа дека една граната од 155 милиметри пред две години чинела две илјади евра, а сега чини осум. Според него, доколку ситуацијата се развива со исто темпо, тогаш на земјите од НАТО нема да им бидат доволни не само два, туку и три проценти од нивните БДП за трошоци за одбраната.
Како заклучок, шефот на државата го цитираше Марк Твен.
„Кој би сакал да ја замисли Русија како ослабена <…>. Би сакал да потсетам на еден добро познат човек и писател која еднаш рече ‘Слуховите за мојата смрт се многу преувеличени“, заклучи Путин.
Го повика Израел да ги повлече своите сили од сириска територија, кои се распоредени таму во тампон зоната што ги дели двете земји на Голанската висорамнина.
„Се надеваме дека во одреден момент Израел ќе се повлече од сириска територија“, рече рускиот челник чија земја му пружи политички азил, како што беше соопштено, од „хуманитарни причини“, на соборениот сириски лидер Башар ал-Асад и неговото семејство.
На прашањето за судбината на исчезнатиот американски новинар Остин Тис, кој бил киднапиран во Сирија во 2012 година, Путин рече дека за тоа ќе разговара со ал-Асад и новите сириски лидери. Рече дека со Асад досега се нема сретнато, но дека наскоро ќе имаат средба и ќе го постави тоа прашање.
Семејството на исчезнатиот новинар му пишало на Путин и барало помош за да се најде Тис.
Путин, исто така, призна дека неговите безбедносни служби силно потфрлиле кога не го спречиле атентатот и убиството на рускиот генерал Игор Кирилов во експлозија во Москва во вторникот утрото. Украинското разузнавање СБУ ја презеде одговорноста за убиството на шефот на руските сили за борба со радијациско-хемиските закани, а Москва објави дека следниот ден го упсила осомничениот за атентато узбекистански државјанин кој бил признал дека бил врбуван во Киев со ветување за награда од 100.000 долари и азил со сменет идентите во земја од ЕУ.