Рускиот претседател Владимир Путин во средата во обраќањето со кое прогласи делумна мобилизација којашто започнува веднаш, порача дека Русија, ако Западот продолжи со нуклеарните закани, ќе одговори со сета сила на својот арсенал.
„Доколку територијалната целост на нашата земја биде загрозена, ќе ги користиме сите расположливи средства за да ги заштитиме нашите луѓе, тоа не е блеф“, порача Путин во телевизиското обраќање на нацијата.
Порача дека владата мор да осигури да се зголеми производството на оружје, порачувајќи дека Русија поседува уште голем арсенал.
Путин рече дека целта е да биде „ослободена“ источноукраинската област Донбас, населена доминантно со руско и рускојазично население која се одметна по превратот во 2014 година во Киев, и дека мнозинството луѓе во тој регион не сакаа да се вратат „под јаремот“ на Украина.
„… Западот сака да ја уништи нашата земја и тука станува збор за одбраната на Русија и територијата на Донбас“, рече Путин.
Во обраќањето што го пренесе руската телевизија Прва, Путин изјави дека делумната мобилизација се однесува на резервисти со искуство кои, како што најави, ќе поминат претходна воена обука.
Путин рече дека веќе го потпишал указот за делумна мобилизација, која ќе започне денеска.
Рускиот претседател се обрати ден откако сепаратистичките челници најавија референдум за придружување на овие украински области на Русија подоцна седмицата. Станува збор за регионите Луганск, Доњецк, Херсон и дел од Запорожје.
Зборувајќи за референдумите, Путин рече дека Русија го поддржува тамошното население и дека нема право да се откаже од тоа.
Проруските челници повикаа на што побрзо одржување на референдумот, велејќи дека тамошното население секогаш се чувствувало руско и Русија ја сметало за своја татковина.
САД и Европската унија го осудија одржувањето на референдумот, нарекувајќи го нелегитимно.