Рускиот претседател Владимир Путин во петокот со насмевка ја отфрли наводната украинска противофанзива и предупреди дека Русија многу посилно ќе одговори доколку и натаму се вршат гранатирања врз цивилните области кои се под контрола на сепаратистички проруски и руските сили.
По самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС – SCO) во узбекистанскиот град Самарканд, Путин ја објасни руската инвазија во Украина како неопходен чекор за спречувањето на заговорот на Западот да ја скрши Русија.
„Москва не брза во Украина и нејзините цели не се променети. Властите во Киев објавија дека покренале и дека спроведуваат активна противофанзивна акција. Да видиме како тоа ќе се развива, како ќе заврши“, рече Путин пред новинарите со насмевка.
Рускиот челник истакна дека Москва засега воздржано одговорила на ударите на украинската армија врз инфраструктурата и терористичките напади, објаснувајќи дека ќе бидат „преземени посериозни мерки доколку Киев не ја разбере недозволивоста на овие методи“.
Ова беше првата изјава на рускиот претседател откако руските единици на 12-ти септември објавија дека тактички повлекле помали групации од некои места на линијата на фронтот, за да избегнат опколување и да се прегрупираат во Донбас. Киев и Западот тоа го претставија како успешен воен напредок на украинската војска, но последните четири дена од нивна страна нема никакви извештаи за ситуацијата на овој дел од широкиот фронт.
Киев ја обвини Москва дека се одмаздила со уништување на украинската инфраструктура, вклучително и брана и снабдувањето со електрична енергија. Од друга страна, руското Министерство за одбрана тврди дека во украинската противофанзива загинале повеќе илјади украински војници.
„Руските вооружени сили неодамна зададоа неколку чувствителни удари. Да претпоставиме дека се предупредување. Доколку ситуацијата продолжи да се развива така, тогаш одговорите ќе бидат посериозни“, рече Путин.
Пред новинарите рече и дека руските сили постепени ја преземаат контролата над нови области во Украина.
„Планот не е подложен на прилагодување“, рече Путин на прашањето дали треба да биде изменета специјалната воена операција.
„Генералштабот една работа ја смета важна, а друга за секундарна, но главната задача останува непроменета и таа се спроведува. Главната цел е ослободување на целата територија на Донбас“, рече Путин.
Путин, исто така, негираше дека Русија има некаква поврзаност со енергетската криза во Европа, и порача дека Европската унија, доколку сака повеќе гас, би требало да ги укине санкциите коишто го спречуваат ставањето во функција на гасоводот Северен тек 2, кој е одамна наполнет со гас.
Според рускиот челник, ткн „зелена агенда“ која ја почна пред речиси две години ЕУ односно транзицијата на обновливите извори на енергија и намалувањето на нарачките на фосилните горива кои главно ги увезуваше од Русија, се една од причините за енергетската криза. Путин инсистираше дека Русија ќе ги исполни своите обврски според договорите за енергијата.
„Доколку имате желба, доколку толку ви е тешко, само укинете ги санкциите за Северен тек 2, што се 55 милијарди кубни метри гас годишно, само притиснете го копчето и сѐ ќе тргне“, рече Путин.
Гасоводот Северен тек 2 со кој во Германија, односно Европа, се удвојуваа испораките на рускиот гас директно со заобиколување на другите централноевропски земји, во прв ред Украина, која на тој начин ќе губеше милијарди долари годишно од транзитот на гасот, беше завршен минатата година. Рускиот гасен гигант „Газпром“ го наполни со гас, но Германија под притисок на САД се колебаше и одолговлекуваше да го стави во функција, а само неколку ден пред почетокот на руската инвазија во Украина на 24-ти февруари одлучи да го блокира Северен тек 2.
Цените на гасот постигнуваа рекордни нивоа од есента 2021 година, во услови кога европските подземни складишта останаа празни, поради постапандемиското отворање на азиските економии и зголемената побарувачка, каде беа по повисоки цени продадени залихите особено од течен природен гас (LNG). На почетокот од март годинава, веднаш по руската инвазија во Украина, цените на гасот во Европа поради стравот од забрана за увоз на руските енергенси во серија ги обновуваа историските рекорди, а највисокото ниво беше забележано на 7-ми март од 3.892 долари за кубни метри гас.
Покрај тоа од почетокот на војната во Украина, испораките на рускиот гас преку гасоводот Северен тек 1 е намален на 20 отсто од капацитетот, како што вели руската страна поради технички проблеми, испораките преку транзитниот систем во Украина се намалени исто така преку еден крак и привремено прекинати поради проблемите со плаќањето поради западните санкции на рускиот финансиски и банкарски сектор, а испораките преку гасоводот Јамал – Европа е целосно запрен.
Моменталните колебања на европскиот пазар на гасот се поврзани, во прв ред, со неизвесноста на испораките од рускиот гас и брзањето на европските земји да ги пополнат капацитетите на своите складишта пред претстојниот период на зголемена потрошувачка.