Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој на странските инвеститори од „непријателските“ земји им се забранува да поседуваат акции во големи руски компании и банки, објави државната новинска агенција РИА.
Како што пренесува Ројтерс, руската влада ќе подготви список на руски фирми кои ќе бидат опфатени со законот, вклучувајќи ги сите системски важни банки и фирми над одредена големина во однос на приходите, вработените, средствата или платените даноци.
Путин потпиша и закон за воведување вонреден данок на вишокот профит на руските компании, кој беше објавен на веб-страницата на владата.
Законот, усвоен од рускиот парламент минатиот месец, има за цел да собере 300 милијарди рубљи и да го намали притисокот врз буџетот додека Русија ја води својата војна во Украина.
Ројтерс ексклузивно објави дека Русија ја удвоила целта за трошоците за одбрана за 2023 година на повеќе од 100 милијарди долари, или третина од сите јавни трошоци.
Даночната стапка за ненадејни приходи ќе биде 10 отсто од разликата помеѓу просечниот профит на бизнисите за 2021-22 година и нивниот профит за 2018-19 година.
Компаниите можат да добијат попуст од 50 проценти доколку уплатат пред 30 ноември.
Има исклучоци за голем број сектори, вклучувајќи ги малите и средните претпријатија и компаниите за нафта, гас и јаглен.