Рускиот претседател Владимир Путин предложи во петокот за една година да се продолжи руско-американскиот договор позната како Нов СТАРТ (New Start) за нуклеарно разоружување, три дена откако од САД дојдоа најави за предлог за продолжување на договорот кој истекува на почетокот од 2021 година.
„Предлагам безусловно продолжување на сегашниот договор за најмалку една година, за да можеме да преговараме со сите партнери“, рече Владимир Путин на состанокот на рускиот Совет за национална безбедност.
Рускиот претседател предложи во петокот Русија и САД да го продолжат нивниот договор за контролата на нуклеарното вооружување Нов СТАР, кој истекува во февруари следната година, без одредување на никакви услови.
Договорот Нов СТАРТ (Договор за намалување на стратешкото вооружување познат и како START-3) е потпишан во 2010 година и го ограничува бројот на стратешките нуклеарни боеви глави, проектили и бомбардери кои Русија и САД може да ги распоредат.
Во вторникот американскиот преговарач Маршал Билингсли ѝ предложи на Москва, всушност она што од руска страна и претходно беше нудено, договорот да биде продолжќен „за одредено време“ со услов Русија да се согласи да го „замрзне“ својот нуклеарен арсенал.
Заменикот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков таквото условување за „замрзнување“ го нарече „неприфатливо“ имајќи предвид дека двете земји меѓусебно се обвинуваат за кршење на договорот, како и барањето на американската страна да се вклучат и некои видови вооружувања кои не се вклучени во договорот.
Во петокот Путин оцени дека би било „крајно жално“ договорот да истече а за него да не постои замена, и го поздрави договорот за кој рече дека „ја ограничи трката во вооружувањето“.
„Јасно е дека ние имаме нови системи за вооружување кои Американците ги немаат, барем не засега. Но одбиваме да се разговара за тој аспект“, додад Путин.
САД и Русија поседуваат заедно повеќе од 90 отсто од целиот нуклеарен арсенал во светот, според последниот извештај на Меѓународниот инситут за истражување на мирот во Стокхолм (SIPRI).