Рускиот претседател Владимир Путин апелираше во петокот на организирање средба на врвот на петте постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите наци и Иран, откако ден претходно американскиот претседател Доналд Трамп искажа расположение за директни преговори со Техеран, а во петокот веднаш по предлогот на рускиот челник се огласи францускиот претседател Емануел Макрон порачувајќи дека е подготвен да учествува на таков самит.
Предлогот од Москва доаѓа во моментите кога во Советот за безбедност при ОН се води жестока дискусија за американската резолуција за продолжување на меѓународното ембарго на продажба на оружје на Иран кои е на сила до 18-ти октомври.
„Дискуситјата за иранското прашање во Советот за безбедност при ОН станува сѐ потензична. Ситуацијата се влошува“, оцени Путин во изјавата којашто ја објави Кремљ, осудувајќи ги „неоснованите обвинувања против Иран“. Рускиот претседател ги критикува и „нацрт-резолуциите со кои се сака да се уништат претходните едногласни одлуки на Советот за безбедност“.
Русија во таа смисла предлага „што поскоро да се организира виртуелен состанок“ на претседателите на држави и влади на постојаните членки на Советот за безбедност при ОН. Станува збор за САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција, кои имаат и право на вето, а според рускиот предлог би учествувале и челниците на Германија и на Иран.
Во споменатиот формат „5+1“ се водеа преговорите со Иран и беше потпишан договорот за нуклеарната програма на Техеран, од кој САД пред две години еднострано се повлекоа.
„Намерата е да се утврдат мерки за да се спречи судир и влошување на ситуацијата во Советот за безбедност на ОН. Прашањето не трпи одложување“, истакнува Путин предупредувајќи на „зголемување на напнатоста“ и на „високиот ризик од стварен судир“ во спротивен случај.
Францускиот претседател Емануел Макрон е подготвен да учествува на виртуелниот состанок, кој го предложи Владимир Путин, соопшти Елисејскиот дворец. „Ние, во принцип, ја потврдуваме можноста за учество“, се наведува во соопштението.
Обединетите нации поддржуваат секаква иницијатива која е во полза на зачувувањето на договорот за иранската нуклеарна програма, изјави подоцна во петокот на брифинг со новинарите портпаролот на генералниот секретар на светската организација, Стефан Дужарик на барање да го коментира предлогот на рускиот претседател.
„Секогаш истакнувавме дека нуклеарниот договор е многу важен дипломатски чин и дека треба да продолжи неговата поддршка. Значи, нашиот став за поддршка на договорот останува непроменет. Ќе поддржиме се што преземаа страните за зачувување на договорот“, изјави Дужарик.
Ембаргото на продажбата на оружје за Иран истекува на 18-ти октомври, според одредбите од резолуцијата со која е одобрен меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма кој во јули 2015 година го потпишаа Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност при ОН плус Германија.
Вашингтон, кој во мај 2018 година, еднострано се повлече од овој договор и повторно за Иран воведе остри санкции главно насочени на финансискиот, економскиот и енергетскиот сектор на Техеран, како и продажба на конвенционално оружје. Кина и Русија, кои имаат право на ембарго во Советот за безбедност, се противат на продолжувањето на ембаргото.
Дипломатски извори од седштето на светската организација во Њујорк минатата седмица изјавија дека очекуваат Советот за безбедност лесно да ја одбие американската резолуција, што може да поттикне долготраен спорт кој ќе остави последица на договорот за иранската нуклеарна програма.