Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во вторникот во иранската престолнина Техеран, во второто патување во странство од почетокот на војната во Украина на крајот од февруари, каде што со своите ирански колега Ебрахим Раиси и турскиот Реџеп Тајип Ердоган ќе разговара за судирот во Сирија, објави во иранската државна телевизија.
Трите земји заеднички се обидуваат да го намалат насилството во Сирија. Но додека Русија и Иран ја поддржуваат владата на алавитскиот (шиитски) претседател Башар ал-Асад, Турција стои зад туркменстански и туркофони бунтовнички групи. Нејзината воена интервенција во соседна Сирија е првенствено насочена против Единиците за одбрана на народот (YPG) кои Анкара ги смета за сириска филијала на Работничката партија на Курдистан (PKK) со која војува од 1980-те години. Силите на сириските Курди, инаку се ударната игла на Сириските демократски сили (SDF) кои ги обучуваа и вооружуваа САД.
Трите земји во минатото неколкупати одржуваа средби на највисоко ниво за ситуацијата во Сирија. Од 2017 година ги поттикнуваат состаноците во ткн формат Астана за да се постигне примирје и решение кое ќе води кон завршување на граѓанската војна којашто пролетта 2011 година ја почнаа сунитски бунтовнички групи финансирани и поддржувани од соседните сунитски земји како и од ткн колективен Запад предводен од САД и НАТО.
Турција неодамна објави нова воена офанзива во северна Сирија, но Русија и Иран ја предупредија Анкара дека не се согласни со нејзините нови воени операции кои може да доведат до ескалација на непријателствата.
Според некои најави, Путин и Ердоган во Техеран ќе разговараат и за договорот чијашто цел е продолжувањето на житарките преку украинските црноморски пристаништа.
Противтежа на САД на Блискиот исток
Истовремено обидот на американскиот претседател Џо Бајден да создаде сунитско арапско-израелско безбедносен блок, со кој Вашингтон сака да ја наруши рамнотежата на силите на Блискиот исток на штета на шиитски Иран, го поттикна Техеран да ги зајакне врските со Москва.
Иранските власти, имајќи го предвид развојот на геополитичката сцена по украинската војска, сакаат да ја зајакнат поддршката на Русија во конфронтацијата на Техеран со Вашингтон и неговите регионални сојузници, иако се чини дека Бајден минатата седмица не успеа да направи почувствителен напредок во поглед на формирањето на споменатиот арапско-израелски во прв ред воен блок.
Испраќајќи јасна порака за Западот дека Русија ќе настојува да ги зајакне врските со Иран, Путин во Техеран ќе се сретне и со врховниот ирански авторитет ајатолахот Али Хамнеи, само неколку дена откако Бајден во своите настојувања ги посети Саудиска Арабија и Израел, и присуствуваше на самитот на заливските земји, со учество на Египет и Јордан.
Посетата на Путин во Техеран се следи со големо внимание, бидејќи поради војната во Украина и западните антируски санкции остро го наруши глобалниот пазар на нафта, но и поради тврдењата на САД дека Иран наводно на Русија има намера да ѝ продаде неколку стотици беспилотни летала, вклучително и јуришни.
Русија и Иран, кои се на ударот на американските санкции, имаат меѓутоа и интереси кои се преклопуваат. Иран, чијашто нафтена индустрија повеќе децении е под санкции на САД, долго се потпираше на купувањето на нафтата од Кина за да ја одржува својата економија во живот. Но од почетокот на војната во Украина, Русија ги презема некои од иранските нафтени пазари во Азија.
Во мај Reuters извести дека извозот на иранската сирова нафта во Кина остро паднал, бидејќи Пекинг им даде предност на руските барели кои ги купува со голем попуст, со што речиси 40 милиони барели иранска нафта останале во танкерите на морињата во Азија за кои сега Иран наводно бара купувачи.