Путин раскошно пречекан во Пјонгјанг, вети поддршка

Одушевената маса го поздрави претседателот Владимир Путин во текот на раскошниот пречек во Пјонгјанг во средата, каде севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изрази „целосна поддршка“ за руската воена операција во Украина и вети посилни стратешки врски со Москва.

Путин се состана со Ким Џонг-ун на редок самит чија цел е зајакнување на партнерството за да се спротивстави на американскиот притисок и санкции под кои се двете земји.

Почесна гарда, вклучително и воена коњаница, голема маси цивили се собраа на плоштадот покрај реката Таедонг, која минува низ главниот град, покажа видеото емитувано од руските медиуми. Сцените вклучуваат деца кои држат балони и џиновски портрети на двајцата челници со национални знамиња што ја красат Големата народна сала.

Ким и Путин потоа заминаа во палатата Кумсусан на разговори на самитот, објавија руските медиуми. Ким го поздрави Путин, му подаде рака, го прегрна и разговараше покрај авионот на рускиот лидер. Тие потоа се возеа со лимузината „Аурус“ од руско производство на Путин до палатата Кумсусан.

„Високо ја цениме вашата доследна и непоколеблива поддршка за руската политика, вклучително и кон Украина“, рече Путин на почетокот на разговорите со Ким, пренесе руската државна новинска агенција РИА.

Путин рече и дека Москва се бори против хегемонистичката, империјалистичка политика на САД и нивните сојузници, пренесоа руските медиуми.

Ким, од своја страна, рече дека односите меѓу Северна Кореја и Русија влегуваат во период на нов просперитет, според извештаите.

„Сега ситуацијата во светот е комплицирана и брзо се менува. Во таква ситуација имаме намера дополнително да ја зајакнеме стратешката комуникација со Русија, со руското раководство“, рече Ким.

Северна Кореја „изразува целосна поддршка и солидарност на руската влада, армија и народ во спроведувањето на специјалната воена операција во Украина за заштита на суверенитетот, безбедносните интереси, како и територијалниот интегритет“, рече Ким.

Путин претходно во текот на денот пристигна на аеродромот во Пјонгјанг. Откако Ким го поздрави и го прегрна, двајцата споделија „најскриени мисли“ во текот на возењето, објавија севернокорејските државни медиуми.

Путин е на своето прво патување во главниот град на Северна Кореја по 24 години, посета која најверојатно ќе ги преобликува децениските руско-севернокорејски односи во време кога двете земји се соочуваат со санкции и притисоци од САД и нивните сојузници.

Партнерството на двете земји „е мотор за забрзување на изградбата на нов мултиполарен свет“, а посетата на Путин ја покажува непобедливоста и издржливоста на нивното пријателство и единство, објави севернокорејската државна новинска агенција KCNA.

На Западот се оценува дека Русија ги користи растечките врски со Северна Кореја за да го испровоцира Вашингтон, додека Северна Кореја, под строги санкции, доби политичка поддршка и ветувања за економска поддршка и трговија од Москва.

Соединетите држави и нивните сојузници велат дека стравуваат дека Русија би можела да ѝ помогне во развојот ракетните и нуклеарните програми на Северна Кореја, кои се забранети со резолуциите на Советот за безбедност на ОН, и го обвинија Пјонгјанг за снабдување со балистички ракети и артилериски гранати што ги користи Русија во нејзината војна во Украина. Москва и Пјонгјанг ги негираа трансферите на оружје.

Фотографиите на државните медиуми ги прикажуваат улиците на Пјонгјанг украсени со портрети на Путин и фасадата на недовршениот и празен хотел Рјугјонг во облик на пирамида од 101 ката, светло осветлен со џиновска порака „Добре дојдовте Путин“.

Агендата за среда вклучува разговори меѓу двајцата лидери, како и свечен концерт, државен прием, потпишување документи и изјава за печатот, руската новинска агенција Интерфакс го цитираше советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков.