Рускиот претседател Владимир Путин во интервјуто за славниот амеркански режисер Оливер Стоун, кој важи за голем поддржувач на добрите односи меѓу САД и Русија, изјави дека му предлагал на Бил Клинтон, во периодот кога овој беше американски претседател, да ја разгледаат опцијата за пристапување на Русија во НАТО.
„Се сеќавам на една од нашите последни средби со претседателот Клинтон, кога ја посети Москва. Во текот на разговорите реков: би можело да се разгледа можноста Русија да се приклучи на НАТО. Клинтон одговори: јас не сум против. Но, целата делегација стана многу нервозна“, изјавил Путин во интервјуто од кое извадоци објавува американското издание Politico.
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон последен пат во ова својство престојуваше во руската престолнина Москва во јуни 2000 година.
Меѓутоа во моментов, според мислењето на рускиот претседател Владимир Путин, НАТО се претворил во надворешнополитчки инструмент на САД, во кој нема сојузници, туку само вазали.
„Кога една земја ќе стане членка на НАТО, за неа веќе е многу тешко да му се спротистави на притисокот од страна на ваквата голема земја лидер на НАТО, како што се САД. И таму лесно може да се постави сé што ќе се посака: и систем за противракетна одбрана, и нови бази, и доколку е потребно нови ударни комплекси. И што ни преостанува тогаш нам?“, запрашува Путин.
На Варшавскиот самит на НАТО ланскиот јули, беше донесена одлука за разместување на дополните четири баталјони со по илјада војници на Алијансата во Полска и во трите балтички земји, што наиде на остра осуда и предупредувања од Москва, и уште повеќе ги затегна односите на североатлантскиот воен сојуз со Русија.
Советот НАТО-Русија се состана во последен пат во јуни минатата 2016 година по две годишна пауза, но не даде никакви резултати во намалувањето на тензиите меѓу Брисел и Москва, туку само ги потврди длабоките несогласувања.
Советот Русија-НАТО е воспоставен во 2002 година и служи како форум за консултации за безбедносните прашања и практична соработка во цела низа прашања. Поради непомирливите ставови по избувнувањето на украинската криза во 2014 година, Русија се повлече од Советот НАТО-Русија, обвинувајќи ја Алијансата дека не се придржува до договорот за неширење кон руските граници, а беа одржувани слаби контакти.
Путин во интервјуто продолжува дека во ваквата ситуација Русија е принудена да презема контрамерки и да ги има за цели на своите ракетни комплекси, објектите коишто на некој начин претставуваат закана за нејзината безбедност. Според рускиот челник, Москва остро реагира на проширувањето на НАТО, бидејќи неа ја загрижува практиката на носење одлуки во Алијансата.
„Познато ми е како тие се носат“, заклучува Путин.
Стоун направи големо интервју со Путин, коешто ќе се појави како филм „The Putin Interviews“во неколку делови на американскиот кабелски телевизиски канал Showtim, на мрежата CBS, од 12 до 15 јуни.