Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со челниците на Катар и на Бахреин, при што ја нагласил потребата од дипломатско завршување на судирот меѓу Катари и другите сунитски арапски земји од Персискиот залив, објави во саботата Кремљ.
Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин на почетокот од јуни ги прекинаа дипломатските односи со Катар и физички ги блокираа неговите граници и економијата, обвинувајќи го овој мал но богат емират дека наводно го поддржува меѓународниот тероризам, со што се создаде една од најголемите кризи последните години меѓу највлијателните земји во арапскиот свет. Покрај тоа, ваквата блокада ги приближи Катар кон Турција и шиитски Иран, што дополнително ја компликува ситуацијата во регионот.
Русија претпазливо се вклучи во ова прашање, сакајќи притоа да ги задржи добрите односи и со Катар и со Саудиска Арабија. Моска во сирискиот конфликт кој избувна во март 2011 година го поддржува алавитскиот (шиитски) претседател Башар ал-Аса, и има блиски односи со Иран, кој е најголем регионален ривал на Саудиска Арабија на Блискиот исток.
Москва минатата 2016 година му продаде удел на Катар во својата државна нафтена компанија „Роснефт“ додека со Саудиска Арабија го координира намалувањето на производството на нафта за да се зголеми цената на „црното злато“ на светските пазари.
Саботниот телефонски разговор меѓу Москва и арапските престолнини се одржал по иницијатива на Катар и Бахреин, објави Кремљ.
„Владимир Путин ја истакна важноста од политичко-дипломатско дејствување чијашто цел е надминување на различните мислења и нормализација на моментално тешката ситуација“, се наведува во соопштението за разговорот меѓу рускиот претседател и катарскиот емир шеик Тамим бин Хмад ал-Тани.
Рускиот и катарскиот челник ги отвориле и темите за соработка меѓу двете земји во сферата на енергетиката и инвестициите.
На бахреинскиот крал Хамад бин Иса ал-Калиф, Путин му порачал дека треба да се воспостави директен дијалог меѓу сите страни вклучени во судирот со Катар.
Катарскиот министер за надворешни работи во саботата најави дека Доха дефинитивно и официјално ќе ги отфрли барањата коишто ѝ ги испорачаа четирите арапски земји, истакнувајќи дека нивната цел не е борбата против тероризмот, туку напад врз катарската сувереност. Меѓутоа, министерот шеик Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани изрази и подготвеноста на разговори за темите коишто наводно ги загрижуваат катарските соседи.
„Списокот со барањата ќе биде отфрлен, а не прифатен. Имаме желба да учествуваме во дијалогот, но под примерни услови“, изјави шефот на катарската дипломатија, додавајќи дека неговата земја нема да ја затвори турската воена база којашто се наоѓа на нејзина територија, како ниту сателитскиот телевизиски канал Al Jazeerа, што се дел од барањата.