Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека авионската несреќа во којашто загина неговиот сограѓанин од Санкт Петербург и шеф на приватната воена компанија „Вагнер“, била предизвикана со рачни бомби коишто експлодирале во авионот, а не со напад со проектил.
Приватниот млазен авион „Embraer“ со кој Пригожин летал од Москва кон Санкт Петенбург се урна северно од руската престолнина на 23-ти август, кога страдаа сите десет патници, меѓу кои и двајца највисоко рангирани команданти на паравоената формација „Вагнер“, четворица телохринители и тројца членови на екипажот.
Путин навести дека авионот бил разнесен однатре, велејќи дека тоа му го пренел шефот на рускиот Истражен комитет пред неколку дена.
„Фрагменти од рачни гранати се пронајдени во телата на убиените во несреќата. Немало надворешен удар на авионот, тоа е веќе востановен факт“, изјави Путин на заседанието на Меѓународниот дебатен клуб „Валдаи“ во Сочи.
Со тоа, се чини, рускиот претседател ги отфрли тврдењата во американските медиуми кои наводно потекнуваат од неименувани американски функционери дека веруваат дека авиониот бил соборен. Меѓутоа, веднаш по овие објави во американските медиуми, и разузнавачката заедница во САД ја отфрли тезата за ракетирање на авионот на Пригожин.
Путин не даде повеќе поединости за тоа како бомбите можело да бидат детонирани во авионот, но рече дека мисли оти истражителите згрешиле што не ги тестирале телата на загинатите на наркотици и алкохол, имајќи предвид дека се појавија информации дека непосредно пред летот во авионот биле внесени повеќе шишиња скапо вино, како и количествата кокаин пронајдени претходно во седиштето на „Вагнер“ во Санкт Петербург.
Истражниот комитет на Руската Федерација сѐ уште не ги објави своите наоди за несреќата.
Бунтот на Пригожин на 23-ти јуни кој траеше помалку од 20 часа кога една тешко вооружена единица на „Вагнер“ стаса на 200 километри од Москва притоа соборувајќи неколку воени летала во обидот да ги смени врвот на руското Министерство за одбрана и на Генералштабот, беше најголемиот предизвик за Путин откако кон крајот на 1999 влезе во политиката и на власт.