Путин: Русија ќе ги обезбеди националните интереси и заштитата на сојузниците, и ќе гради подемократски свет

Русија ќе ги зајакнува своите вооружени сили, ќе ги обезбеди националните интереси и ќе ги заштити сојузниците, и ќе презема други чекори за изградба на подеморкатски свет, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Обраќајќи се во вторникот пред учесниците на Московската меѓународна безбедносна конференција, Путин истакнал дека мултиполарниот свет изграден врз меѓународното права отвора нови можности за борба против заедничките закани и без обединување на напорите и потенцијалите на сите држави, тие на можат да се надминат.

„Како и досега, Русија активно и иницијативно ќе учествува во таквата координирана заедничка работа, заедно со своите сојузници, партнери и истомисленици, за подобрување на постојните механизми за меѓународната безбедност и создавање нови, и последично зајакнување на националните вооружени сили и другите безбедносни структури, зајакнувајќи ги со современо оружје и воена опрема.

За обезбедување на нашите национални интереси, како и заштитата на нашите сојузници, ќе се преземат други чекори кон градење подемократски свет, каде што се загарантирани правата на сите народи и културолошки-цивилизациските различности“, го цитира агенцијата РИА рускиот претседател.

Путин притоа оценил дека ткн колективен Запад „умислено го уништува“ европскиот безбедносен систем и склучува нови воени сојузи. Посочил дека САД „грубо се мешаат“ во внатрешните работи на суверени држави, организираат државни преврати и граѓански војни и провокации, обидувајќи се да „извршат притисок врз независните држави да се потчинат на нивната волја“.

„И сето тоа се прави со една цел: да ја задржат својата доминација, моделот којшто овозможува да се паразитира целиот свет“, додал Путин.

Сегашниот глобалистички модел е осуден на пропаст, а геополитичките промени со историски размери одат во сосема поинаква насока, сигурен е рускиот челник. Според Путин, можно е да се намалат тензиите во светот и да се осигура одржлив развој на сите земји само со радикално зајакнување на системот на современиот мултиполарен свет.

„За да се стори тоа, неопходно е да се врати почитувањето на меѓународното право, неговите основни норми и принципи и да се зајакнат позициите на таквите универзални структури како што се ОН и другите места за меѓународен дијалог“, заклучил Путин.