Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Москва е „категорично против“ распоредување нуклеарно оружје во вселената, по обвинувањата на Вашингтон дека има планови за развој на такво антисателитско оружје.
„Отсекогаш сме биле категорично против распоредувањето нуклеарно оружје во вселената и се уште сме, рече Путин за време на состанокот со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Шојгу рече дека Русија го нема типот на оружје за кое САД ја обвинуваат дека сака да го постави во вселената.
Вестите за можноста на Русија се појавија минатата недела по предупредувањето од претседателот на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Тарнер, кој го повика американскиот претседател Џо Бајден да ги декласифицира информациите за „големата закана за националната безбедност“.
Белата куќа минатата недела потврди дека претставници на американските разузнавачки служби имаат информации кои укажуваат на тоа дека Русија стекнала способност за ново антисателитско оружје, иако оцени дека таквото оружје сè уште не е оперативно. Американскиот претседател Џо Бајден во петокот рече дека „нема докази дека донеле одлука да направат нешто во вселената“ и повтори дека нема непосредна опасност за луѓето.