Смртоносниот терористички напад во концертната сала „Крокус Сити Хол“ крај Москва го извршија радикални исламисти, но Русија истражува кој е нарачателот, изјави претседателот Владимир Путин во понеделникот отворајќи го попладнето состанокот во врска со мерките кои се преземаат по нападот.
„Знаеме со чии раце е извршено ова злосторство против Русија и нејзиниот народ. Нас нѐ интересира кој е нарачателот. Во текот на заедничката работа меѓу нашите разузнавачки служби и органите за спроведување на законот неопходно е да се добијат одговори на цел ред прашања“, рече Путин во отворениот за медиумите состанок со шефовите на безбедносните служби.
Во саботата рано утрото на руско-украинската граница беа уапсени четири лица, од таџикистанско потекло, според чии искази биле контактирани преку социјалните медиуми од „проповедник“ и негов помошник и им биле ветени пари за масакрот. Исламската држава двапати се огласи со потврда дека таа стои зад нападот, со материјали кои не се типични за нејзините досегашни објави кога се презема одговорноста. Руските служби и веднаш по нападот изразија големо сомневање дека во осмислувањето на нападот стои само радикалниот исламизам. Покрај четворицата државјани на Таџикистан, непосредни извршители, уапсени се уште најмалку седум лица кои се сомничат дека ги помагале во разни етапи од планирањето, извршувањето и бегството по нападот.
Забележа дека САД преку различни канали се обидуваат да ги убедат сите дека наводно нема украинска трага во ова злосторство и дека зад сето тоа стои само џихадистичката организација Исламска држава. Путин повтори дека треба да се дадат одговорите на бројни прашања, особено дали радикалните исламисти навистина решиле да ја нападнат Русија, посочувајќи дека Москва се залага за справедливи решенија на конфликтите на Блискиот исток.
Некои западни аналитичари ја преферираат тезата дека Исламската држава ѝ се одмаздува на Русија за нејзината улога во сириската војна, кога по повикот на владата во Дамаск, Путин даде дозвола за испраќање руски сили што се смета за пресвртен момент во таа војна и почеток на слабеењето на моќта на оваа ултрарадикална сунитска организација.
„Ужасното злосторство извршени на 22-ри март во главниот град на Русија е чин на застрашување. И веднаш се поставува прашањето: кој има полза од тоа? Ова злосторство може да биде само алка во целата низа обиди на оние коишто од 2014 година се бореа со нашата земја преку рацете на неонацистичкиот режим во Киев“, истакна Путин алудирајќи очигледно на западните разузнавачки служби.
Во продолжение рече дека целта на ваквите чинови е да се посее паника во општеството. Путин нагласи притоа дека некои кои го поддржуваат Киев не сакаат да бидат соучесници во тероризмот, но дека остануваат отворени „премногу прашања“.
Путин истакна дека е „неопходно да се разјасни зошто злосторниците се обиделе да побегнат во Украина“ по нападот близу Москва оддалечена околу 500 километри од границата и кој ги чекал на украинската страна, или на локацијата на која беа уапсени во шумата во областа на Брјанск.
„Оние коишто го планирале овој терористички напад се надеваа дека ќе посеат паника и раздор во нашето општество, но беа пресретнати со единство и решителност во спротиставувањето на ова зло“, додаде Путин.
Посочи дека и покрај големата заедничка болка, така и легитимна желба за жестоко казнување на злосторниците, истрагата за нападот мора да биде спроведена објективно и без пристрасност.