Самитот во Женева на 16 јуни меѓу рускиот и американскиот претседател ќе биде сѐ само пријателска средба нѐ.
За почеток, пишува „ВВС“, Русија неодамна ги стави САД на својата официјална листа на „непријателски земји“. Двете страни сметаат дека нивните односи се многу затегнати и ниту еден од нив во моментов нема свој амбасадор во другата – високи руски функционери се под санкции на САД за сè, од анексијата на Крим до наводното мешање на претседателските избори, додека двајца поранешни американски маринци сега се во руските затвори и едниот од нив служи 16 години за шпионажа.
Покрај сето тоа, има фатален момент од март кога Џо Бајден во едно интервју потврди дека го смета Владимир Путин за „убиец“.
Статусен симбол
Сепак, двајцата лидери ќе се најдат еден спроти друг, за прв пат и во својство на претседатели, а некои во Русија веруваат дека ова е достигнување само по себе.
– Самитот е важен во однос на симболиката – ја става Русија во иста лига со Соединетите држави, а симболиката не е неважна за Путин – посочува Андреј Кортунов, директор на истражувачкиот центар „РИАЦ“ во Москва.
Бајден, кој влезе во Белата куќа во јануари, е на својата прва турнеја низ Европа. За време на викендот, тој беше на состанокот на Г-7 во Корнвол, во понеделникот во Брисел во седиштето на НАТО, во вторник ќе биде на првиот американско-европски самит од 2014 година, а во среда ќе се сретне со Путин во Женева.
Фактот дека Бајден е на своето прво патување, рано на почетокот на неговиот мандат и дека оди на средба со Путин на негово барање, се статусни политички точки за Кремљ, проценува „ВВС“. Ова е исто така вистински, целосен самит и не е краток состанок на маргините на еден настан.
– Путин дефинитивно сака да биде рамноправен со американскиот претседател. Тој сака да биде почитуван според неговите услови. Путин сака да ги покаже своите „мускули“ и да биде член на клубот – вели политичката аналитичарка Лилија Шевцова.
Што може да се очекува од самитот?
Белата куќа и Бајден посочуваат дека целта на Соединетите држави е „стабилна и предвидлива“ врска со Русија. Но, „ВВС“ пишува дека држењето на луѓето во неизвесност и претпазливост отсекогаш било начинот на Путин, откако неговите војници влегоа на Крим во 2014 година и го анектираа од Украина. Токму овој настан го означи почетокот на падот на односите меѓу Русија и Соединетите држави.
– Постижна цел ќе биде да се тестира каде се црвените линии на другиот – вели Шевцова, посочувајќи дека „дијалогот е патот назад од бездната“.
– Ако не разговараат, Русија ќе стане уште понепредвидлива – додава таа.
Овој викенд, Путин на државната телевизија рече дека „има прашања“ за која двете земји можат да соработуваат, почнувајќи од контролата на нуклеарното оружје, регионалните конфликти и климатските промени.
– Ако можеме да создадеме механизми да работиме на овие прашања, тогаш мислам дека можеме да кажеме дека самитот не беше залуден – рече Путин.
Некои во Русија, според „ВВС“, посочуваат дека е можно примирје во „дипломатските војни“. САД избркаа десетици руски дипломати и затворија два објекти во последните години, додека на американските мисии во Русија ќе им биде забрането да вработуваат локални жители. Москва може да му дозволи на својот амбасадор да се врати во Вашингтон како минимален потег.
Соединетите држави ќе го покренат и прашањето за судбината на своите затвореници во Русија, вклучувајќи го и Пол Велан, кој беше уапсен во 2018 година и осуден за шпионажа, што секогаш го негираше. Москва неодамна ги обнови напорите за замена на затворениците, но нејзините услови досега беа невозможни да ги исполнат Соединетите држави, а едностраниот гест на Путин се чини неверојатен.
Тој во понеделникот рече дека Русија е подготвена да ги екстрадира сајбер криминалците на Американците на реципрочна основа.
Непријателски запад
Рускиот претседател неодамна отиде малку подалеку во поглед на Западот како непријателски настроен. Тој на Економскиот форум во Санкт Петербург овој месец тврдеше дека Соединетите држави сакаат да го „задржат“ рускиот развој, а неколку дена претходно се закани дека ќе му ги „скрши забите“ на секој странски агресор што сака да ја „гризне“ Русија, инсистирајќи дека светот треба да биде свесен за обновениот статус и силата на неговата земја.
– Јасно е дека тој верува дека Соединетите држави се противник кој не и посакува добро на Русија и мислам дека неговата визија нема да се промени – вели Кортунов, додавајќи дека Русија сепак сака да ја „намали температурата“ за одреден степен.
– Како рационален политичар, Путин би сакал да ги намали трошоците и ризиците поврзани со оваа ривалска врска – додава тој.
И тоа вклучува економски санкции – последниот круг го ограничи владиниот капацитет за собирање средства и нови мерки може да одат понатаму, додавајќи повеќе оптоварување на економскиот сектор во клучната изборна година, според „ВВС“.
– Руската јавност нема апетит за „победи“ на надворешната политика како замена за решавање на горливите социјални и економски проблеми дома. Што и да сака Путин, мислам дека не може да добие ништо со ескалација – истакнува Кортунов.
Неизбежна лекција
Она што Путин не го сака, пишува „ВВС“, но го следи, е лекција за човековите права, вклучувајќи го и случајот на труење и апсење на лидерот на руската опозиција, Алексеј Навални.
Судот во Москва одлучи неговите политички канцеларии и антикорупциските организации да бидат прогласени за „екстремистички“. Оваа пресуда можеше лесно да се одложи до самитот меѓу Путин и Бајден, но се чини дека рускиот претседател испраќа порака дека ќе продолжи да ги крши неистомислениците и дека Америка нема никаква врска со тоа.
– Бајден ќе ја отпее својата песна за Навални и човековите права, а потоа Путин ќе ја отпее неговата песна, дека Американците се исти – предвидува Шевцова.
-Но, фактот што се одржува оваа средба значи дека по „мезето“ за човекови права, тие ќе одат на „главно јадење“. А, тоа е намалување на тензиите – додаде таа.