Рускиот претседател Владимир Путин испрати телеграми по повод празникот до лидерите на неколку земји, соопшти прес-службата на Кремљ. Путин на тој начин им ги честиташе Божик и Нова година на лидерите на Заедницата на независни држави (ЗНД), со исклучок на Молдавија, како и на лидерите на Абхазија и Јужна Осетија.
Од европските лидери, тој им честитал само на унгарскиот премиер Виктор Орбан и на српскиот претседател Александар Вучиќ, соопшти Кремљ. Рускиот претседател испратил и срдечни пораки до лидерите на Кина, Индија, Виетнам, Лаос, Боливија, Бразил, Венецуела, Куба, Никарагва, Сирија, Турција и Јужна Африка.
Тој, исто така, испратил топли поздрави до папата Франциско и голем број поранешни странски лидери, меѓу кои и поранешниот француски претседател Никола Саркози и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер. Тој не испратил поздрав до ниту еден од лидерите на ниту една непријателска земја, вклучително и на САД, пишува руската државна новинска агенција ТАСС.