Рускиот претседател Владимир Путин, во телевизиски пренос е „фатен“ како кашла во текот на состанокот на Владата. Тоа веднаш предизвикало различни реакции во јавноста, но Путин брзо ја смирил ситуацијата потврдувајќи дека е добро и дека речиси секој ден се тестира на коронавирусот.
– Не се грижете, се е во ред. Ме тестираат практично, секојдневно, не само на ковид-19, туку и на други инфекции, па се е добро – одговори рускиот претседател откако претставничката на Горниот дом на парламентот, Валентина Матвијенко изразила загриженост поради неговото здравје.
Путин минатата недела наполни 69 години, а за кашлицата вели дека причина е ладното време. Воедно, тој ја искористи приликата одново да ги повика своите колеги да се вакцинираат. Тој минатиот месец заврши во самоизолација откако сите членови на неговата придружба беа позитивни на коронавирусот. Но, Кремљ тогаш објави дека претседателот е „апсолутно здрав“.
Во Русија денеска се регистрирани 957 починати како последица од коронавирусот. Пред два дена беше регистриран дневно најголемиот број на жртви од почетокот на пандемијата, 968.