Рускиот претседател Владимир Путин го предупреди Западот дека Русија ќе цели на нови цели доколку Соединетите Држави почнат да ја снабдуваат Украина со ракети со поголем дострел, објави во неделата руската новинска агенција ТАСС, пренесува Ројтерс.
„Доколку се испорачаат такви ракети, ќе ги погодиме оние цели што сè уште не сме ги погодиле“, рече Путин во интервју за државната телевизија „Русија 1“.
Путин не ги означи целите кои Русија планира да ги гаѓа доколку западните земји почнат да и снабдуваат на Украина ракети со долг дострел.
Тој посочи дека „галамата“ поради испораката на западно оружје во Украина е дизајнирана за да го продолжи конфликтот.
Украина бара повеќецевни ракетни системи М270 и М142 HIMARS (MLRS) за да ги нападне руските војници и резервите на руско оружје во позадина.
Американскиот претседател Џо Бајден неделава објави план за обезбедување на Украина со прецизни ракетни системи ХИМАРС, откако доби гаранции од Киев дека украинските сили нема да ги користат за цели во Русија.
Иако руските официјални лица предупредија дека одлуката на САД да и достави на Украина напредни ракетни системи може да го влоши конфликтот, Путин рече дека тоа нема да донесе суштински промени на бојното поле.
„Разбираме дека оваа набавка од Соединетите Држави и некои други земји има за цел да ја компензира загубата на таа воена опрема“, рече Путин. „Ова не е ништо ново. Тоа суштински не менува ништо“, додаде тој.
Во истото интервју, чии клипови беа емитувани во саботата, Путин рече дека рускиот противвоздушен систем соборил десетици украински ракети.