Претседателот на Русија, Владимир Путин, денеска изјави дека земјата е подготвена да употреби нуклеарно оружје, доколку постои закана за руската државност, суверенитет или независност, но додаде дека се надева оти Соединетите Американски Држави ќе се воздржат од дејствија кои би можеле да предизвикаат нуклеарен конфликт, пренесува АП.
Во интервју за руската државна телевизија, објавено рано утринава, Путин го опиша американскиот претседател Џо Бајден како политичар ветеран кој целосно ги разбира потенцијалните опасности од ескалација и рече дека не мисли дека светот оди кон нуклеарна војна.
Истовремено, тој посочи дека руските нуклеарни сили се во целосна готовност и дека „од воено-техничка гледна точка се подготвени“.
Рускиот лидер постојано зборуваше за неговата подготвеност да користи нуклеарно оружје од почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година, потсетува АП.
На прашањето дали некогаш размислувал да употреби нуклеарно оружје на бојното поле во Украина, Путин одговори дека нема потреба од тоа.
Тој, исто така, изрази уверување дека Москва ќе ги постигне своите цели во Украина и ја остави отворена вратата за разговори, нагласувајќи дека за секој договор ќе бидат потребни цврсти гаранции од Западот.
Путин рече дека неодамнешниот наплив на напади со украински беспилотни летала длабоко во Русија е дел од напорите да се попречат тридневните претседателски избори во земјата, кои почнуваат во петок и на кои тој речиси сигурно ќе победи.
Руските власти утринава известија за нов голем напад од украински беспилотни летала. Едно од беспилотните летала удрило во нафтена рафинерија во регионот Рјазан и предизвикало пожар при што најмалку две лица се повредени.