Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека гледал делови од телевизиското соочување меѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот предизвикувач на новемвриските избори Доналд Трамп и дека, сепак, го претпочита Бајден за следен претседател на САД.
Запрашан дали Бајден или Трамп се подобри и дали неговата преференца за Бајден се променила по дебатата, Путин рече: „Ништо не се промени“. „Дали знаевме што може да се случи? Знаевме“, додаде рускиот челник.
Путин неколку пати јавно кажа дека го претпочита Бајден отколку Трамп, дури и откако Бајден го нарече „луд кучкин син“.
На прашањето за изјавите на Трамп дека доколку победи на изборите може веднаш да ја запре војната во Украина „за 24 часа“, Путин рече дека Русија ги сфаќа сериозно, но дека не знае никакви поединости од мировниот предлог на Трамп.
„Фактот што господинот Трамп е претседателски кандидат покажува дека тој е подготвен и сака да ја запре војната во Украина, ние го сфаќаме тоа сериозно“, рече Путин.
„Се разбира, не сум запознаен со предлозите за тоа како тој мисли да го направи тоа. Тоа е клучно прашање. Но, нема сомнеж дека тој е сериозен во врска со тоа и ние го поддржуваме“, додаде.
Уште во февраури годинава по летот стратешкиот бомбардер „Ту-160М“ во Казан, на барање на новинарите да ја коментира навредливата изјава на негова адреса од американскиот претседател Џо Бајден, Путин ја оцени како „соодветна реакција“ на сопственото претставување.
„Реков дека ќе работиме со кој и да е претседател (на САД), но верувам дека за нас, за Русија, Бајден е попожелен. И судејќи според она што сега го кажа, јас апсолутно сум во право, бидејќи тоа е соодветна реакција на она што беше кажано од моја страна“, саркастично изјави тогап рускиот претседател истакнувајќи дека оваа изјава ја дал за рускиот аудиториум и не за јавноста во САД.