![Putin](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/02/Putin.jpg?resize=696%2C335&ssl=1)
Рускиот претседател Владимир Путин во средата изјави дека руските научници се блиску до создавање вакцина против рак, која наскоро би можела да им биде достапна на пациентите.
Путин на московскиот форум за идните технологии изјави дека руските научници се „многу блиску до создавање на таканаречени вакцини за рак и имуномодулаторни лекови од новата генерација“. „Се надевам дека наскоро тие ефикасно ќе се користат како методи на индивидуална терапија“, додаде тој.
„Руската Федерација досега постигна многу добри резултати кога станува збор за медицинскиот селктор, но овој потенцијал е потребно и натаму да се развива за земјата да биде во состоја самостојно да се избори со потенцијално новите пандемии и предизвици“, порача рускиот претседател во средата на пленарната седница на Форумот „Тахнологии на иднината“.
Путин посочи дека Москва секако ќе ја продолжи соработката со другите земји во таа област, но додаде и дека најважно е што самата Русија ја има сета потребна научна и технолошка база. Тој најави отворање на нови медицински истражувачки центри низ Русија и откри дека само во 2023 година во Русија биле регистрирани 530 нови домашни препарати. Како што рече, планот е зголемување на платите на медицинските работници.
Според него, главен приоритет денес е борбата против онколошките болести, во врска со која државата започна посебна програма уште во 2019 година. „Денес, повеќе од половина од сите болни од рак во земјава ја откриваат својата болест во рана фаза“, истакна рускиот челник.
Како што вели, зголемен е и бројот на хемотерапевтски третмани, а отворени се над 500 нови онколошки центри низ државата.
Сепак, една од најинтересните работи е тоа што претседателот на Русија откри дека руските научници се се поблиску до создавање вакцина против рак. Како што вели, се работи и на нова генерација имуномодулатори, кои, исто така, наскоро би можеле да бидат пуштени во употреба.
Освен борбата против онколошките болести, други приоритети се и борбата против кардиоваскуларните, автоимуните болести и вирусните инфекции, заедно со превенцијата, додаде Путин. Една од целите е да се намали бројот на заболени од хепатитис Ц на минимум до 2030 година.
Претседателот на Русија нагласи дека е неопходно да се променат принципите кои се користат во здравството денес, така што во центарот на вниманието не е бројот на дадени услуги, туку самата личност. Посочи дека нема сомнеж оти вештачката интелигенција ќе биде многу корисна, но и дека обичните луѓе, односно медицинските работници, не можат да бидат заменети со неа.
Путин, исто така, повтори дека државата посветува големо внимание на физичката активност на граѓаните. Затоа, во план е отворање на нови спортски и други медицински центри низ државата.
Путин не прецизираше на кои видови на рак ќе делува вакцината и на кој начин.
Бројни земји и компании работат на вакцини против рак.
Минатата година, владата на Обединетото Кралство потпиша договор со германската компанија „BioNTech“ за започнување клинички испитувања обезбедувајќи „персонализиран третман за рак“, со цел да се допре до 10.000 пациенти до 2030 година.
Фармацевтските компании „Moderna“ и „Merck & Co“ развиваат експериментална вакцина против рак, за која студијата во средна фаза покажа дека ја намалува можноста за половина од шансите за враќање или смрт на меланом, најсмртоносниот рак на кожата, по три години третман.
Во моментов постојат шест лиценцирани вакцини против хуманиот папиломавирус (ХПВ), кој предизвикува неколку видови на рак, вклучувајќи го и ракот на грлото на матката, според Светската здравствена организација, како и вакцина против хепатитис Б (ХБВ), кој може да доведе до рак на црниот дроб .
За време на пандемијата „ковид-19“, Русија разви свои сопствени вакцини од кои најексплоатирана беше „Спутник V“ против коронавирусот и ја продаде на голем број земји, иако наиде на широко распространето јавно противење за вакцинација во земјата. Самиот Путин рече дека бил вакциниран со „Спутник“, во напорите да ги убеди сонародниците во неговата ефикасност и безбедност.