Путин вети казна за сите одговорни за терористичкиот напад , Исламската држава упорна да ја презема одговорноста

Рускиот претседател Владимир Путин во саботата изјави дека неспорно е дека ќе бидат казнети сите одговорни за смртоносниот терористички напад ден претходно на концерт во близина на Москва, кога маскирани вооружени лица отворија оган со автоматско оружје и рачни гранати врз присутните на концертот во „Крокус Сити Хол“ во московско предградие.

„Сите сторители, организатори и поттикнувачи на ова злосторство ќе бидат праведно и неизбежно казнети. Кои и да се тие, кој и да ги водел“, рече Путин.

„Ќе ги идентификуваме и казниме сите оние кои стојат зад терористите, кои го подготвија ова злосторство, овој напад врз Русија, врз нашиот народ“, додаде.

Нападот во концертната сала во трговскиот центар „Крокус“, рече Путин, не е само добро испланиран терористички напад.

Русите беа соочени со „подготвено и организирано масовно убиство на мирни, беспомошни луѓе“. „Злосторниците ладнокрвно и намерно тргнаа да убиваат, да пукаат на празен дострел нашите граѓани, нашите деца, исто како што правеа некогаш нацистите кога извршија масакри на окупираните територии“, рече Путин.

„Терористите, убијците, нелуѓето кои немаат и не можат да имаат националност се соочуваат со една незавидна судбина – одмазда и заборав. Тие немаат иднина, додаде рускиот претседател.

Во обраќањето до нацијата, Путин рече дека напаѓачите, кои оставија 143 мртви, се обиделе да побегнат кон Украина. Тој рече дека прелиминарните информации укажуваат дека некои луѓе од украинската страна се подготвиле да ги пуштат да ја преминат границата од Русија.

Опишувајќи го нападот како „крвав масакр“, тој го осуди „варварскиот терористички“ чин. Најави дека 24-ти март ќе биде ден на жалост.

„Изразувам најискрено сочувство до оние кои ги загубија своите најблиски (…) Го прогласувам 24 март за ден на национална жалост“, рече шефот на државата.

Русија уапси 11 лица, вклучително и четворица осомничени напаѓачи, во врска со пукањето во кое загинаа најмалку 143 лица во концертна сала во близина на Москва.

Радикалната исламистичка група Исламска држава повторно во саботата преку социјалните мрежи инсистираше дека ја презема одговорноста за петочниот напад, најсмртоносниот во Русија во последните 20 години.

Меѓутоа, руските разузнавачки служби и истражни органи укажуваат на наводен исказ од еден од уапсените терористи, според кој тие одржувале контакт со некој од украинската страна.

Во саботата, Исламската држава објави и фотографија од четворицата напаѓачи кои во петокот убија најмалку 143 луѓе во концертна сала во близина на Москва, објави на својот Telegram канала Amaq, прифатената во западните медиуми како новинска агенција на џихадистичката организација. Тие фортографии, инаку, земени од социјалните мрежи, претходно ги објавија и низа руски медиуми.

„Нападот доаѓа во контекстот на бесната војна меѓу Исламската држава и земјите кои се борат против исламот“, се додава во текстот кој го пренесува агенцијата Rеuters цитирајќи неименувани западни безбедносни извори.

Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот, но Русија сугерираше дека постои украинска поврзаност, и покрај енергичното негирање на украинските власти дека Киев има некаква врска со тоа.

Руските власти во саботата соопштија дека уапсиле 11 лица, вклучително и четворица осомничени напаѓачи, во врска со нападот. Според медиумски шпекулации, напаѓачите имаа државјанство на соседен Таџикистан, но рускиот Истражен комитет и Федералната служба за безбедност (ФСБ) засега не ја објавуваат националноста на уапсените за терористичкиот напад.

Путин рече и дека во Москва и во земјата се воведени дополнителни антитерористички и антидиверзантски мерки.