Путин во Калининград во екот на тензиите со Западот

Рускиот претседател Владимир Путин ја посети во четвртокот руската балтичка енклава Калининград, сместена меѓу две земји членки на НАТО и на Европската унија, во екот на засилените тензии меѓу Москва и Западот поради војната во Украина која руската страна ја доживува како прокси војна на ткн „колективен Запад“ против Русија.

Путин посетата ја започна со средба со учениците на почетокот од училишната година, при што одговараше на нивните многу шаренолики прашања од сферата на економијата, преку вселенската програма до односите со НАТО и војната во Украина, што директно го пренесуваш руската телевизија.

„Нашата и мисијата на нашите војници … е да се запре војната на Киев против Донбас (историската украинска југоисточна област доминантно населена со руско и руско јазично население која се отцепи по превратот поддржан од Западот во 2014-та), и да се заштитат луѓето и, секако, да се брани самата Русија“, рече Путин.

Рускиот претседател потсети и дека жителите на Донбас се „сметаат себеси за дел од културниот и лингвистички простор на Русија“.

Доаѓањето на Путин во Калининград се случи во време на големите тензии и во поглед на самата оваа руска енклава на Балтичкото Море меѓу Полска и Литванија, двете земји членки на НАТО кои се меѓу најголемите руски противници.

Литванија во јуни го запре транзитот на стоки кон Калининград, но Европската унија ја предупреди по заканите од Москва да ја симне забраната бидејќи санкциите не се однесуваат на внатрешниот транспорт на стоки за каков се смета транспортот меѓу руската матица и нејзината енклава.

Во контекстот на тензиите и продолжувањето на западното снабдување на Украина со модерно оружје со долг дострел, Русија пред две седмици соопшти дека три борбени авиона од типот „МиГ-31Е“ опремени со хиперсоничните ракети „Кинжал“ се распоредени во Калининградска област.