Путин: Во случај на судир меѓу Западот и Русија, тоа ќе биде „сосема поинаква војна“

Русија не сака конфронтација, туку сака мир, но во случај на судир со Западот, „тоа ќе биде сосема поинаква војна“ во однос на сегашните воени дејствија во Украина, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

„Жежок“ конлфикт меѓу Западот и Русија, доколку дојде до него, нема да биде ограничен во рамките на „специјална воена операција, како што Москва официјално ја опишива руската инвазија во Украина, туку „тоа ќе биде сосема поинаква војна“, вели Путин во инсерт од интервјуто за емисијата „Москва. Кремљ. Путин“ за државната телевизија Россия 1 објавен на каналот Telеgram.

Тоа е всушност дел од одговорот на барањето на новинарот и водител на емисијата Павел Зарубин рускиот претседател да ја коментира препораката комитетот за безбедност при американскиот Конгрес дека САД треба да се подготвуваат за истовремена војна и со Русија и со Кина, вклучително и за варијантата за употреба на нуклеарното оружје.

„Ние тргнуваме од фактот дека сакаме мир, а доколку тие сакаа да војуваат со Русија, тогаш тоа ќе биде сосема поинаква војна, тоа нема да биде спроведување на специјална воена операција“, посочи Путин.

Споменатите препораката за војување со Русија и со Кина, кои исто така се нуклеарни сили не можат да се наречат „здравомислечки“, и најверојатно станува збор за тоа што одредени американски конгресмени едноставно ги плашат сите други, оценува Путин во интервјуто.

Во претходно објавениот документ од меѓупартискиот комитет на американскиот Конгрес се наведува дека американските никлеарни сили се слабо подготвени за потенцијален конфликт со Русија и со Кина, што бара квантитативни и структурни промени. Авторите на извештајот наведуваат дека нуклеарен конфликт со Русија и со Кина е „сѐ поверојатен“ и предлагаат да се донесат нови одлуки за американските сили за одвраќање за тие да бидат подготвени да одговорат на „егзистенцијалните“ преизвици кои наводно ќе се појават во периодот меѓу 2027 и 2035 година.

„Мислам дека таква мисла не треба или не може да им текне на луѓе со здрав разум. Но доколу тоа се случи, тоа само ќе нѐ направи претпазливи. А, уште повеќе, да се војува истовремено против Руската Федерација и против Кина, е глупост, во крајна линија. Сметам дека сето тоа е несериозно. Така тие едноставно, според мене, се плашат меѓу себе“, вели Путин.

Рускиот челник притоа истакнува дека според него тоа не се „некои здрави мисли“ коишто им „паѓаат напамет на здрави луѓе“.

„Сите ние се подготвуваме за војна, следејќи го познатиот древен принцип: ако сакате мир, подгответе се за војна. Но ние поаѓаме од фактот дека сакаме мир, а доколку тие сакаат да војуваат со Русија, тоа е сосема друга војна…. Погледнете што се случува на Блискиот исток, дали таму се спроведува специјална воена операција? Дали навистина можно да се споредува тоа? Но, доколку зборуваме за војна меѓу големите нуклеарни сили, тоа е сосема друга приказна“, додава Путин.