Москва и Пекинг активно соработуваат во одбранбената сфера, а воената соработка ја зајакнува довербата меѓу двете земји, изјави во неделата рускиот претседател Владимир Путин на средбата со кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу за кого таквото заедничко дејствување ќе продолжи и во иднина „за доброто на просперитетот“ на целиот свет.
Ли Шангфу допатува во Москва во својата прва странска официјално патување во странство откако минатиот месец беше именуван на новата должноста. Во Кремљ покрај на средбата со Путин, се сретна и со својот руски колега по должност Сергеј Шојгу по чијашто покана е остварена средбата, се наведува во извештајот на агенцијата РИА.
„… Исто толку активно работиме и преку воените агенции, редовно разменуваме корисни информации, соработуваме на полето на воено-техничката соработка, спроведуваме заеднички вежби во различни региони, како на Далечниот исток, и во Европа, и на море и на копно и во воздух“, рекол Путин на почетокот од разговорите.
Изразил уверување дека тоа е „уште една важна област“ којашто ја зајакнува „исклучителниот стратешки карактер“ на односите со голема доверба меѓу двете земји.
Потсетувајќи на неодамнешната посета на Москва на кинескиот претседател Си Џинпинг, Путин истакнал дека тие разговори биле „многу продуктивни“, како и дека на нив, исто така, биле разгледувани и соработките по линија на воените ресори.
„Ние имаме многу силни врски, кои ги надминуваат воено-политичките сојузи од ерата на Студената војна“ и „се многу стабилни“, рекол Ли во текот на средбата, чиј почетокот бил емитуван на руската телевизија.
Ли додал дека односите меѓу Русија и Кина „веќе влегле во нова ера“. Од своја страна шефот на кинеската одбрана нагласил дека намерно за своја прва посета во странство намерно го избрал патувањето во Русија.
„Откако ја преземав должноста министер за одбрана…., ова е мојата прва посета во странство. Специјално за тоа ја одбрав Русија, за да ја истакнам посебната природа и стратешкото значење на нашите билатерални односи“, рекол Ли Шангфу.
Истакнал дека Пекинг и Москва споделуваат цврсти односи кои ги надминуваат сојузите од периодот на блоковската Студена војна од средината на минатиот век. Ли Шангфу, исто така, потенцирал дека двајцата претседатели „ги врзува пријателството, и сите во Кина го знаат тоа…“.
Ли оценил дека добро се развива соработката меѓу двете земји, особено во сферата на одбраната и воено-техничкиот сектор, и оти тоа придонесува за развој на глобалната безбедност.
„Кина ќе продолжи да соработува со Русија на сите нивоа во името на развојот и просперитетот на целиот свет“, рекол кинескиот министер за одбрана.
Шанфу во Русија ќе престојува од неделата до вторник, и при тоа според претходните најави ќе има повеќе разговори со Шојгу, на коишто освен за продлабочувањето на билатералните односи во сферата на одбраната, е се дискутира и за актуелните прашања од глобалната и регионалната безбедност.