Путин за американските медиуми тврди дека отказот за Коми нема да влијае на односите со САД

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека одлуката на неговиот американски колега по должност Доналд Трамп да му даде отказ на директорот на Федералното биро за истраги (FBI), Џејмс Коми, кој водеше истрага и за наводното руско вмешување во американските претседателски избори, нема да влијае врз односите меѓу двете земји.

„Нема да има последици“, изјавил рускиот претседател Владимир Путин во кусото интервју за американската телевизиска мрежа CBS News правено во црноморското летувалиште Сочи.

„Вашето прашање ми е многу забавно. Не ми се лутете. Ние немаме ништо со тоа“, додал Путин.

Американскиот претседател Доналд Трамп го смени директорот на FBI, Џејмс Коми, во вторникот вечерта, а американските пратеници во средата ги поставуваа прашањата за мотивите и за изборот на моментот за оваа одлука донесена по сугестии на министерот за правада и државниот обвинител Џеф Сешнс и неговиот заменик Род Розенстајн.

Демократската партија смета дека американскиот претседател сакал да ја попречи истрагата за наводните руски кибернетички напади врз нејзините сервери во текот на кампањата за ноемвриските претседателски избори, како и за евентуалнта поврзаност на членови од изборниот штаб на Трамп и Москва, којашто ја водеше Коми.

Трамп негира секаква поврзаност со руската страна, истакнувајќи дека Коми самиот во три наврата му кажал дека против него не се води истрага.