Тврдењата на Доналд Трамп дека сака да стави крај на украинскиот конфликт го заслужуваат вниманието на Москва, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Поранешниот американски претседател го обвини актуелниот претседател Џо Бајден, дека дозволил да се разгорат непријателствата меѓу Русија и Украина во 2022 година. Трамп во многу наврати тврдеше дека тоа немало да се случи доколку тој беше претседател, и дека, доколку биде избран повторно, би можел да ги прекине борбите за 24 часа.
„Забелешките што Трамп ги даде во својство на кандидат за претседател на САД, дека сака да ја запре војната во Украина – ги сфаќаме доста сериозно“, рече Путин за време на прес-конференцијата во Астана, Казахстан.
„Не знам каков би бил неговиот предлог и како планира да го постигне тоа. И тоа е клучното прашање. Но, не се сомневам во неговата искреност и ние го поздравуваме тоа, додаде рускиот лидер.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го предизвика Трамп јавно да ги објави своите планови за решавање на кризата, или барем да ги сподели со владата во Киев. Во интервју за Блумберг оваа недела, тој го повика републиканецот да ги разјасни политиките што сака да ги усвои во однос на неговата земја.
„Ако има ризици за независноста на Украина, ако ја изгубиме државноста – сакаме да бидеме подготвени за тоа; сакаме да знаеме“, рече тој.
Путин, исто така, се огради од претседателската дебата во САД минатата недела, во која Бајден не успеа да се претстави добро, што веројатно ги зголеми шансите за победа на Трамп. Рускиот претседател рече дека настанот е од ограничен интерес за неговата канцеларија, иако САД како голема сила имаат значително влијание врз Украина.
Путин претходно тврдеше дека претпочитал Бајден да го задржи американското претседателство за уште еден мандат, бидејќи демократот е политичар од старата школа, чии постапки се попредвидливи од оние на Трамп.
Тој, исто така кажа дека останува убеден дека американската политика во однос на Русија нема значајно да се промени без оглед на тоа кој ќе победи на претстојните избори.