Путин: Западот го разгoрува судирот во Украина уверен дека може да ја порази Русија

Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот во обраќањето до парламентот порача дека НАТО предводен од САД ја разгоруваат војната во погрешното уверување дека можат воено да ја поразат Русија во глобален судир, најави дека руските воени акции во Украина ќе продолжи, како и дека руското учество во нуклеарниот договор Нов Стар ќе биде суспендирано откако Вашингтон се реши да не се потпишува нов туку да важи клаузулата за автоматски продолжување.

Путин им порача на политичките и воените елити дека Русија „внимателно и доследно ќе ги решава задачите со коишто се соочува“. Исто така, рече дека Русија го суспендира своето учество во договорот со САД кој ги ограничува стратешките нуклеарни арсенали на двете земји.

„Во таа смисла, присилен сум денеска да објавам дека Русија го запира своето учество во договорот за стратешкото офанзивно вооружување“, им рече Путин на пратениците но истакна дека тоа не значи повлекување од договорот.

Повторно го обвини Западот за достигнување на „врвот на цинизмот и лицемерието“ и оти самиот почнал со „демонтирање“ на системите за колективна безбедност и контрола на вооружувањето,

„САД и НАТО отворено кажуваат дека целта им е стратешки пораз на Русија. После тоа, обиколките околу одбранбените објекти не е опција“, рече Путин.

Руското Министерство за надворешни работи уште пред две седмици порача дека американските барања да продолжат инспекциите според договорот за контрола на нуклеарното вооружување Нов СТАРТ се цинични, во прв ред поради воената поддршка на САД на Украина во нејзината војна против Украина.

Договорот Нов или СТАРТ-3, потпишан во 2010 година од тогашните претседатели на суперсилитe Барак Обама и Дмитриј Медведев, истече во јануари 2021 година а според клаузулата автоматски е продолжен до 2026 година. Вашингтон досега јасно не се изјасни дали ќе го продолжи, имајќи предвид дека пред три години се повлече од него, но навестува дека сака да разговара за негово продолжување, а се повлече и од Договорот за неупотребување на ракетите со среден дострел, како и од мултинационалниот Договор отворен небо за меѓусебни воздушни инспекции на воените капацитети на земјте потписнички. Москва, пак, претходните години во неколку наврати искажа подготвеност да се разговара за овој договор, но особено откако Вашингтон од доаѓањето на власт на претседателот Џо Бајдне во 2021 година воено застана зад Киев, веќе „не гледа смисла“ за такви разговори.

 

За војната

Покрај навестувањето дека воените операции во Украина ќе продолжат до остварување на зацртаните цели, кои повторно не ги обелодени јасно, Путин ги предупреди Западот дека последните години презема чекори коишто водат кон глобална конфронтација, За војната повтори дека таа ѝ била наметната на Русија и им изрази сочувство и „разбирање на болката“ на семејствата на загинатите војници.

„Самиот народ на Украина стана заложник на киевскиот режим и на неговите западни господари, коишто всушност ја окупираа оваа земја во политичка, воена и економска смисла… Тие (Западот) локалните судири имаат намера да ги претворат во фаза на глобален судир. Токму така ние сето тоа ги разбираме и во согласност со тоа и ќе реагираме, бидејќи во овој случај станува збор за постоењето на нашата земја“, рече Путин.

Потсети дека од самиот почетокот на судирот меѓу Киев и доминантно руските југоисточни региони по превратот од 2014 година, Москва со учеството во договорите од Минск се обидувала да го реши проблемот во Донбас по мирен пат, но дека западните земји „зад нејзиниот грб подготвувал поинакво сценарио“.

„Правевме сѐ што беше возможно да го решиме тој проблем по мирен пат, преговарајќи за мирно излегување од тој тежок судир, но зад нашиот грб се подготвуваше поинакво сценарио“, рече Путин.

Несомнено алудираше на неодамнешните признанија од тогашната германска канцеларка Ангела Меркел и француски претседател Франсоа Оланд дека мировните договори од Минск од 2014 и 2105-та во кои тие беа гаранти меѓу власта во Киев и проруските бунтовници во Донбас биле само со цел да ѝ се даде време на Украина воено да зајакне и воено да го реши судирот.

Путин потсети и дека од март 2014 година се борел народот во Донбас „бранејќи го своето право да живее во своја земја, да зборува на својот јазик, во својата култура. Се бореа и не се откажуваа и во услови на блокади и постојано гранатирање, нескриената омраз од киевскиот режим“.

„Киев водеше разговори со Западот за набавка на оружје пред почетокот на специјалната воена операција во Украина“, рече Путин кој пред една година на почетокот од инвазијата посочи дека властите во Киев се подготвувале ланскиот март да започнат масивна офанзива и воено да го разрешат конфликтот во Донбас со геноцид и етничко чистење на тамошното руско население.

Рускиот претседател повтори дека, според веродостојните податоци кои ги добила Русија во февруари минатата година се било подготвено за почеток на „нова казнена акција на Киев во Донбас“.

Западот, продолжи Путин, го „пушти духот од шишето“ во многу региони ширум светот сеејќи хаос и војни „така уништувајќи ги Југославија, Ирак, Либија….“.

„Да се победи Русија е невозможно… Русија никогаш нема да им попушти на западните обиди да го поделат нашето општество“, порача Путин додавајќи дека мнозинството Руси ја поддржуваат „специјалната воена операција“ во Украина затоа што „вистината е со нас“.

 

За санкциите

Путин посочи дека Русија се покажа отпорна на обидите на Западот започнати уште пред повеќе од осум години да ги уништи руското стопанство, од минатата година под директен пакет санкции без преседан во историјата, како и дека милијарди долари се во ризик на Западот, но дека руските текови на приходи не запреле.

Исто така, Путин порача дека ниеден обичен Русин „не жали по јахтите запленети во странство“, во една од неговите последни критики на руските богаташи кои се оглушуваа на неговите повици своите капитали да ги вложуваат во Русија и да ги чуваат во нејзините банки.

„Руските претприемачи, наместо да ја напуштат земјата и да го повлечат својот капитал, треба да работат за своите сонародници – ова е единствениот начин да се изгради силна, самодоволна економија“, порача рускиот претседател во обраќањето до Федералното собрание.

Путин рече дека западните земји, кои јасно наведуваат дека санкциите против Русија имаат цел да се предизвика протест кај рускиот народ и да се предизвика бунт и смена на власта во Кремљ, имаа цел рускиот народ да „страда“, но дека не успеала да ја поразат земјата на економски план.

„Сакаа да ги натераат луѓето да страдаат… но нивната пресметка не се оствари. Се покажа дека руското стопанство и менаџменот се многу посилни отколку што тие сметаа“, рече Путин.

Презентирајќи конкретно повеќе економски показатели, Путин уверува дека Русија ги поседува сите средства коишто ѝ се неопходни за да ја гарантира својата национална безбедност и развојот и покрај жестоките економски санкции.