Рускиот претседател Владимир Путин во видео обраќање по повод Денот на државното знаме кажа дека руското знаме секогаш ќе биде свето за народот на неговата земја, пренесуваат руските агенции.
„Денес го одбележуваме Денот на државното знаме. Му искажуваме почит на официјалниот државен симбол на Русија кој, со грбот и химната, го претставува нејзиниот суверенитет и независност и го потврдува континуитетот меѓу генерациите на нашиот мултиетнички народ.
Нашето знаме кое е кренато на првиот руски воен брод пред повеќе од три века остана симбол на Русија во тешките периоди полни со искушенија во нејзината историја – под Петар Велики, кога Руското Царство се формирало, на боиштата на Првата светска војна и среде драматичните промени на контрадикторните, мачни 1990-ти. Над Русија сино-бело-црвеното знаме повторно се развеа на 22 август 1991“, кажа Путин.
Рускиот претседател кажа дека државното знаме на новите генерации им всадува вредности како патриотизам, граѓанство и одговорност за иднината на татковината. Тој најави дека од 1 септември годинава сите училишта во земјата секој прв школски час ќе го започнуваат со церемонија на кревање на знамето и интонирање на химната.
„Уверен сум дека државното знаме на Русија секогаш ќе остане свето за генерациите на наши граѓани. Тоа ќе инспирира воена слава, професионални достигнувања и нови височини во науката, културата и спортот. Ќе ги направи горди на својата татковина. Русија е силна, независна светска сила. На меѓународната сцена ние сме посветени на спроведување само таква политика која ги задоволува виталните интереси на нашата татковина“, кажа рускиот претседател.