Работењето на амбасадите и на конзулатите „под лупа“ – мора да се заштити угледот на државата

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во изјава за националниот сервис од Вашингтон говореше за периодот кој следи во министерството и во дипломатијата каде што има сомнеж во работењето на амбасадите и конзулатите.

– Следниот период во рамки на Министерството за надворешни работи, низ транспарентна и законска процедура, ќе бидат преземени сите неопходни чекори за утврдување на евентуални пропусти и грешки во работењето на дипломатско-конзуларните претставништва, примарно во оние каде постојат сериозни сомнежи за несоодветно постапување, надвор од законските и подзаконските акти, а со крајна цел транспарентно работење и заштита на угледот на државата – рече министерот.

Тој исто така говореше и за досегашните активности во рамки на посетата на САД, нагласувајќи дека покрај учеството на НАТО Самитот, истата има и билатерален карактер.

Билатералните односи со посебен акцент на економската соработка беа фокусот на првите денови од посетата на САД, истакна министерот Муцунски.

– Од страна на премиерот Мицкоски најавена е нова инвестиција, што претставува еден од првите големи економски успех на новата Влада. ‘Ваптек’ ќе инвестира дополнителни 35 милиони евра, а ќе се отворат нови 100 работни места во земјава – истакна Муцунски, потенцирајќи дека одлуката е донесена за време на нивната посета на Вашингтон.

Во разговорот тој информираше и за бројни средби со влијателни конгресмени на кои станало збор за зајакнување на стратешкото партнерство со САД, како и за улогата на земјава на меѓународната сцена.

– На средбите беше потврдена улогата на земјава како афирмиран член на НАТО Алијансата, што континуирано придонесува за зајакнување на целокупната трансатлантска безбедност. Исто така, беше истакнато дека новата македонска Влада е поддржувач и ќе продолжи со политиката на 100% усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е значајно за стабилноста на земјава и регионот – подвлече Муцунски во изјавата за МТВ.

Во однос на проширувањето на Министерството за надворешни работи со ресорот надворешна трговија, Муцунски порача дека е потребен поинаков фокус во надворешната политика.

– Активностите за заштита и промоција на политичките интереси треба да биде продлабочена со еден концепт што е многу повеќе од економската дипломатија. Промовирање на извозот, но исто така и промовирање на државата како добра локација за нови директни инвестиции ќе биде голем предизвик, со кој можеме да се справиме за да ја направиме државата поубаво место за живеење – порача Муцунски

На крајот, Муцунски порача дека следуваат уште низа средби и активности кои имаат за цел апострофирање на нашиот придонес кон зајакнување на НАТО Алијансата, како и продлабочување на билатералните односи и соработката со САД.

Муцунски е дел од владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, која е во посета на САД, каде се одбележува 75 годишнината од основањето на НАТО Алијансата.