„Безбедноста во училиштата-градење механизми на превенција од ризици и рано предупредување“ е темата на работнилницата што ќе се одржи денеска со ученици и наставници во Основното училиште „Вера Циривири-Трена“ во Скопје, во рамки на научно-истражувачки проект на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ) – Скопје.
Од УКИМ информираат дека цел на проектот e подобрувањето на севкупната и личната безбедност на учениците во образовно – воспитните установи, како и намалување на сите облици и типови на насилство помеѓу учениците. Со проектот се опфатени ученици од основни и средни училишта на територија на Град Скопје и во државата. Во рамки на предавањата и средбата со наставниците и учениците ќе се зборува за безбедносните ризици над учениците.
-Во неколку основни и средни училишта преку Проектот на УКИМ е спроведено истражување, разговор и интервјуа со фокус групи на ученици, наставници, родители и носители на одлуки чиј резултати од истражувачкиот извештај на научно-истражувачкиот проект ќе бидат презентирани. Покрај тоа ќе се одржи работилница, а воедно ќе се најави дека ќе се формираат клубови за превенција во училиштата кои ќе се состануваат определен ден во неделата и на тие средби ќе се одржуваа едукативни работилници, информираат од УКИМ.
Како што најавуваат, на работилницата се предвидени поздравни обраќање на министерот за образование и наука Јетон Шаќири и на ректорот на УКИМ-Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски, а говорници се проф.д-р Татјана Стојановска Иванова од Институтот за социологија, проф. д-р Софија Геогиевска од Институт за социјална работа и социјална политика и проф.д-р Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир, Филозофскиот факултет-Скопје на УКИМ.