Работна средба за европската агенда Адеми-Жбогар

Вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми, оствари во четвртокот редовна работна средба со евроамбасадорот Самуел Жбогар, на која беа дискутирани повеќе теми од европската агенда на Република Македонија.

На средбата вицепремиерот Адеми накусо се осврна на политичката состојба во Македонија, и ги поздрави досегашните напори на Унијата за изнаоѓање излез од кризата. Според неговата оцена, неодамнешните посети на високи функционери на ЕУ се доказ на заложбата и поддршката од страна на Унијата за Македонија и нејзината eвроатланска ориентација.

Адеми нагласи дека е важно и во услови на продолжена внатрешна криза, да продолжат редовните активности поврзани со имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и реализација на проектите од ИПА програмата.

Притоа, Адеми уште еднаш истакна дека Република Македонија останува на стратешката определба за членство во Европската унија, бидејќи тоа е желба и интерес на сите граѓани, додавајќи дека обврска на политичките раководства, е да работат на остварување на тие стратешки приоритети и да ја следат волјата на мнозинството граѓани.

Двајцата соговорници се договорија ваквите редовни работни средби да продолжат и натаму, во функција на координација на реформските активности поврзани со нашето идно членство во Европската унија.