Работна вечера на Заев со хрватската претседателка Грабар Китаровиќ

Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерката задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, имаше работна вечера со хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, придружувана од хрватска делегација и хрватската амбасадорка во земјава, Данијела Баришиќ.

Хрватската претседателка пренесе порака на силна поддршка за интегративните процеси на Република Македонија. Таа рече дека Република Хрватска се радува на постигнатите успеси на Република Македонија, на внатрешен и надворешен план, дека е подготвена да продолжи да дава уште поактивна политичка и техничка поддршка за ‘се што и е потребно на Македонија во делот на евроинтеграциите, како и во рамки на демократските процеси.

„Мотивирано работиме на реформите, заедно со сите политички и општествени чинители во државата, посебно по чистата неусловена препорака што ја добивме од ЕК и пораките што ги испраќа ЕУ кон Источна Европа, дека местото на овој регион е во Унијата. Многу ни значат искреното пријателство и големата поддршка што Хрватска ги даваше и ги дава на Македонија, а ние ќе продолжиме да даваме причини да ги олесниме тие заложби за интегративна иднина на нашата држава, рече Заев.