Кошаркарите на Работнички ја добија дерби пресметката од 17. коло во Првата лига, откако на домашен терен го совладаа Кожув со 72:67. Со оваа победа избраниците на тренерот Емил Рајковиќ се осамостоија на врвот на табелата.
Двата тима го започнаа натпреварот со скор од 13 победи и само еден пораз, а сето тоа наговестуваше доста интересен и тесен натпревар, што на крајот и се потврди на паркетот во реновираната сала во Градски парк. Домашниот тим подобро го започна дуелот, имаше водство од шест поени разлика по првите десет минути, а до крајот на полувремето успеа да го одржи водството и замина на пауза со резултат 43:36 во своја корист. Во третиот период гевгеличани се вратија во игра откако одиграа значително подобро во одбраната, па така во последната четвртина се влезе со мала предност на избраниците на Емил Рајковиќ кои на крајот се изборија за тешки два бода против директниот ривал.
„Двете екипи многу ја посакуваа победата, би упатил честитки за двете екипи особено за одбраната која беше силна. Што се однесува до мојата екипа, мислам дека можевме многу подобро да ги организираме нападите, да наоѓаме подобри решенија, особено во моментите кога имавме 8 или 10 поени разлика. Тогаш можевме да ја прекршиме средбата, но не успевавме. Малку ни падна интензитетот во одреден период, но издржавме и го задржавме водството. Сепак, сигурно дека сум задоволен, од ноември немаме пораз и како ќе течат натпреварите, така ќе играме подобро и подобро“, заклучи Рајковиќ.
Најзаслужен за победата на Работнички беше Душан Кнежевиќ кој блескаше со своите 26 поени и 16 скокови, а забележителен учинок во домашниот состав имаше и Дарко Соколов кој уфрли 13 поени. На спротивната страна, најрасположен за игра беше Александар Штерјов кој го заврши денешниот натпревар со 16 постигнати поени.