Работничкиот дом останува на работниците, поништени се актите за конфискација на зградата

Работничкиот дом е на работниците! Вака ја започна прес-конференцијата претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов, информирајќи дека со одлука на Врховен суд се поништени сите претходни акти за конфискација на зградата на ССМ.

 – Предлогот за повторување на постапката со сите докази со кои располагам од далечната 1948 година е прифатен од Врховниот суд со насока да се укинат сите досегашни пресуди, вклучително и ревизијата од Врховниот суд со која се конфискуваше работничкиот дом, на штета на целокупното работничко движење во Македонија, на штета на Сојузот на синдикати со единствена цел да се уништи Сојузот на синдикати на Македонија. Работниците и правдата победија корумпиран систем составен од корумпирани судии. За наша среќа, не сите судии се во истиот кош – рече Трендафилов.

Тој рече дека работничкиот дом е граден од работничките плати, нивна членарина, нивниот леб.

– Борбата која ја водевме овие 8 месеци донесе до повторување на постапката и до укинување на сите правни акти за конфискација на работничкиот дом. Процесот започна во далечната 2005 година од страна на тогашната влада превидена од Владо Бучковски и заврши во 2023 година со владата предводена од Димитар Ковачевски. Праќам апел до новата влада да не ги следи претходниците што сакаа да го одземат работничкиот дом од работниците – вели Трендафилов.

Тој информираше и дека за предлогот што го поднеле пред еден месец до Стразбур, минатата недела добиле информација дека е прифатен, поради тоа што станува збор за кршење на правото на сопственост.