Работниците бараат повисоки плати – не може министрите и раководните лица секогаш да бидат над работникот, велат од КСОМ!

Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, КСОМ, денеска пред Влада одржа протест како резултат на, како што велат, немањето слух на власта за барањата на синдикатите кои протестираа годинава.

Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески во изјава за медиумите од пред зградата на Владата, ги повика партиите во предизборието, во своите политички програми да ги имплементираат барањата на синдикатите и нагласи дека идната влада ќе мора да ги задоволи потребите на работникот, за како што рече, да живее нормален живот.

-Сите закони во државава можат да претрпат измена, освен законот со кој функционерите си ги покачија платите за 78 отсто. Тој закон е повеќе заштитен од што се мечките во Жировница. Денеска симболично кажуваме дека бараме, не 78 отсто, туку 79 отсто, со единствена цел, сакаме да испратиме порака дека работниците и граѓаните се многу побитни од Владата. Не може министрите и раководните лица секогаш да бидат над работникот, рече Ристески.

Независниот синдикат на полицијата со години бара колективен договор согласно состојбите во МВР, вели претседателот на Синдикатот, Гоце Делчев Тодев, бидејќи како што рече состојбата во МВР не е добра, како и дека полициските службеници не се безбедни.

Делчев потенцираше дека протестните маршови кои ги одржа Независниот синдикат на полицијата во изминатите два месеци беа со барање за измени на Кривичниот законик со што, како што рече, ќе се обезбеди поголем кредибилитет на полицискиот службеник во извршување на работни задачи.

Националниот координатор во Независниот синдикат на здравствени работници Боби Бојчевски порача да се донесе еден вид Закон за трансформација, со кој на здравствените работници ќе им се промени договорот на дело и посочи дека и понатаму ќе продолжат со нивните .

-Во оваа несреќна држава да направиме среќни луѓе, да им помогнеме на луѓето што се со договор на дело, да им се смени договорот, да се направи еден вид Закон за трансформација, рече Бојчевски.

Изјава за медиумите даде и Билјана Џонова, вработена во здравствена установа во Скопје со договор на дело, која што рече работиме за 18.200 денари, без здравствено, пензиско осигурување, ниту пак право на одмор и боледување.

-После пет години ми истекува договорот на 31 декември, сакам да ги прашам господата директори, министри како ќе продолжиме понатаму, бидејќи јас не можам да издржам вака, имам дете за гледање, а ниту можам моите потреби да ги задоволам вака, рече Џонова.