Работнички ја заврши работата против МЗТ

Работнички со 100:84 го победи МЗТ Скопје во дербито кое беше прекинато вчера, а се доигра денеска пред празни трибини. Поради плукање кон судиите мечот беше прекинат во третата четвртина, а преостанатиот дел од натпреварот се доигра денес.

МЗТ Скопје добро го почна мечот и ја доби првата четвртина со 24:22, но Работнички возврати во вториот период и на полувремето замина со предност од 45:35. Домаќините ја одржуваа предноста и во третиот период, при резултат 62:50 натпреварот беше прекинат.

Во денешниот дел од мечот Работнички продолжи да игра на високо ниво, во средината на последниот период имаа предност и од 21 кош разлика, на крајот триумфираа со 100:84.

Најефикасен во тимот на Работнички беше Костов со 29 поени, а 19  постигна Гинјард. Во составот на МЗТ Скопје, Крафорд реализираше 22 поени.

Тренерот на Работнички, Марин Докузовски истакна дека е задоволен од прикажаната игра и потенцира дека МЗТ немале одговор за одличниот напад на центарци.

-Тешко е кога играш во празна сала, но не држеше вчерашната мотивација и успеавме да победиме. Последните 13 минути од мечот кои се доигруваа ги одигравме одлично, дадовме 38 поени што е навистина многу. МЗТ немаше одговор за нас, мора да сме задоволни со оваа победа, но истовремено да вниваме затоа шт има уште многу да се игра. Сигурно е дека ќе бидеме првопласирани во плејофот, но мора да продолжиме со иста мотивација како и досега- истакна Докузовски.

Работнички е единствениот непоразен тим во лигата со 19 победи по 19 кола .