Работодавците бараат од властите во БиХ повисоки квоти за странците, има недостиг од 30.000 работници

Работодавците во Босна и Херцеговина предупредија дека се принудени да го намалат производството или да го преселат во други земји, бидејќи им недостигаат 30.000 работници, поради што ги повикаа властите да ги зголемат квотите за ангажирање странци.

Според претседателот на Здружението на работодавачи на Федерацијата Босна и Херцеговина, Аднан Смаилбеговиќ, минатата година во БиХ биле издадени 2.449 работни дозволи за странци, додека овогодинешната квота е 6.073 дозволи.

„Побаравме од Федерацијата БиХ да одобри увоз на 18.000 работници, плус Република Српска, така што реална проценка е дека ни недостасуваат 30.000 работници во БиХ“, рече Смаилбеговиќ.

Додаде дека поради недостигот на работна сила, значителен број бизнисмени го намалуваат обемот на производството или го селат во соседните земји. „Деловното опкружување е подобро, полесно е да се најде работна сила“, додаде тој.

Смаилбеговиќ тврди дека властите се исклучително бавни во донесувањето одлуки за зголемување на квотите за странски работници.

Првиот човек на Стопанската комора на Република Српска, Перо Ќориќ, истакна дека во БиХ доаѓаат претежно работници со пониски квалификации. Тој изрази очекување дека во иднина ќе доаѓаат странци со повисоки квалификации и знаење. Властите на БиХ неодамна предупредија дека под превезот на вработување странци се евидентирани случаи на криумчарење мигранти, што резултирало со одземање на визите и работните дозволи на работниците од Бангладеш и Пакистан.