Раде Штекли повреден во бомбашки напад

Едно лице е повредено во експлозија на рачна бомба, утринава, во скопската населба Керамидница, информира МВР.

НетПрес од полициски извори дознава дека во бомбашкиот напад повреден е скопјанецот Раде Трајковски Штекли.

„Денеска (14.11.2024) во 09.20 ч. во дворно место во населба Керамидница во Скопје била фрлена експлозивна направа. Од експлозијата со повреди се здобило лицето Р.Т., кој е пренесен во ГОБ „Свети Наум Охридски“ за укажување на помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Кон Штекли ланската година во интервал од неколку месеци во трговиот центар „Ист Гејт“ беа изведени два обида за ликвидација. Домот на Штекли всушност се наоѓа зад трговскиот центар „Ист гејт“, каде што тој двапати беше мета на напад.

Ланскиот ноември се случи втор обид за елиминација на Трајковски, а МВР сè уште нема осомничени ниту уапсени за овие случаи. Според последните неофицијални информации, кои беа објавени, истрагата за напаѓачите на Штекли води кон нивна повразаност со луѓе кои отслужуваат затворскаи казни во Идризово.

Претходно на крајот од ланскиот август, Штекли беше повторно мета. Но тогаш најверојатно го спаси блендираниот автомобил во кој се возел. Сепак, пукањето од страна на досега неидентификуваните напаѓачи, чие возило потоа е најдено запалено кај езерото Треска крај Скопје, се толкува како порака што одредена криминална група сака да ја испрати. Штекли не се поврзува со серијата мафијашки убиства, но многу индиции водат кон групација која во медиумите е нарекувана „Барон“.

Пред седум години името на Раде Трајковски Штекли беше поврзувано со убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев. Но подоцна осомничен и обвинет беше Филип Секуловски- Кобра. Сепак, сега 38-годишниот Штекли неофицијално се поврзуваше со убиството, односно медиумите тогаш објавуваа дека Секуловски пред да го убие Јанушев најпрвин се сретнал со Штекли. Сепак, тој никогаш не беше обвинет за било каква улога во крвавиот чин. Штекли, на денот на убиството, на социјалната мрежа Facebook објави фотографија од Белград.

Во 2021 година Шеткли беше уапсен во Белград поради тогашното поврзување со убиство извршено во Македонија. За него имаше распишано и меѓународна потерница.

Штекли беше уапсен во Грција во 2011-та како осомничен во Италија за местење на фудбалски натпревари. Трајковски тогаш беше екстрадиран во Италија каде имаше и судење за големиот случај со наместени натпревари во италијанскиот фудбал.