Претседателот на Бугарија, Румен Радев, денеска најави дека на шефовите на држави и влади во Европската Унија, европските институции и Советот на Европа уште еднаш ќе им го предочи прашањето за почитување на правата на Бугарите во Северна Македонија. Ваквата најава доаѓа по синоќешниот инцидент во кој тројца напаѓачи во угостителски објект го претепале секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.
Радев вели дека нападот на секретарот на бугарскиот клуб е пример за систематско кршење на правата на Бугарите во земјава, што категорично го осуди.
„Декларираните амбиции за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија и преземените заложби за реформи и зајакнување на демократските норми во земјата се во спротивност со реалноста во која живеат Бугарите кај нашиот југозападен сосед“, пишува бугарскиот претседател во објава на Фејсбук.
Радев во фејсбук-објавата вели дека нападот на секретарот на бугарскиот клуб е пример за систематско кршење на правата на Бугарите во земјава, што категорично го осуди.
„Систематското кршење на нивните права беше основа на ставот на Бугарија, дека европската интеграција на Република Северна Македонија треба да се заснова на вистински напредок во искоренувањето на јазикот на омраза кон Бугарија и Бугарите и почитување на правата на македонските Бугари“, додава Радев.
Претседателот на Бугарија во објавата на социјалната мрежа додава оти земјата е подготвена да организира и воздушна евакуација на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид и да обезбеди негово лекување.
Информацијата за нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, кој се случил синоќа во угостителски објект, првично ја објави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за „Бугарија он ер“, наведувајќи дека за ова веќе контактирал и со министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Тројца напаѓачи почнале да го удираат секретарот на бугарскиот културен клуб, го навредувале и му се заканувале дека ќе го убијат бидејќи е Бугарин и работи во центарот за култура. Веднаш ги известив бугарското и македонското МНР. Контактирав со министерот за надворешни работи Бујар Османи и го повикав веднаш да се позанимава со случајот, а по половина час ми напиша дека сите тројца напаѓачи се идентификувани“, изјави Ковачев.
Поради инцидентот, бугарското Министерството за надворешни работи ѝ врачи протестна нота на амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеса Руси Поповска.
Во реакцијата за нападот, бугарското МНР наведе дека тој е последица на тоа што нема системски одговор од нашите власти за злосторствата над Бугарите, но и доказ дека Северна Македонија не може да ја гарантира безбедноста ниту на сопствените граѓаните. Проблемите со правата на Бугарите, според Софија, не може да се негираат од македонските власти и од меѓународната заедница и порачуваат дека тоа е неспоиво со членство на земјава во ЕУ.
Бугарија ќе испрати протестна нота до македонското МНР за претепувањето на секретарот на „Цар Борис Трети“
Осуда за нападот упати и делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во земјава која порача властите да го истражат случајот.