Бугарскиот претседател Румен Радев, во контекст на отворањето на Културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, денеска пред новинарите во Софија објаснуваше што е фашизам, ама и дека Михајлов не бил фашист.
„Ако зборуваме за фашизам, треба да биде јасно дека Иван Михајлов е човекот што го одби Хитлер да ја вовлече Македонија во братоубиствена војна со Бугарија. Не беше Иван Михајлов, туку други луѓе, кои по воспоставувањето на југословенската диктатура во Македонија испратија и убија десетици илјади во концентрациони логори само затоа што решиле да продолжат да се нарекуваат Бугари. Ете тоа е вистински фашизам“, изјавил Радев.
Пред новинарите тој уште порача дека е време антибугарската идеологија, која се ширела во Македонија и која, како што рече, ги труе нашите односи и го поткопува патот на земјата кон ЕУ, да стане минато.
„Обидот на политичарите во РС Македонија да градат идентитет врз основа на фалсификатите на Комунистичката интернационала, а не врз основа на историска вистина се против интересите на граѓаните на РС Македонија што навистина сакаат членство во ЕУ“, порача Радев.