Опасност од ширење радијација поради пожарот во Чернобил

Пожарот што веќе деветти ден беснее во реонот на хаварисаната нуклеарна централа „Чернобил“ во Украина создава опасност од ширење на радијација на поголеми далечини, изјави Татјана Тимочко, шефица на Сеукраинска еколошка унија, пренесува ТАСС.

– Пожарот во оваа зона е многу опасен, особено при моменталните метеоролошки услови. Високата температура на воздухот поттикнува оган. Се појавуваат нови и нови мали пожари. Опасноста се крие во тоа дека при горење на сува вегетација и на дрвја согорува горниот слој на почвата, каде се наоѓаат скриени со години радионуклиди, истакна Тимочко.

Според неа пепелта што се носи од ветерот создава опасност од ширење на радијација на големи површини.

Се разбира концентрацијата на радијација надвор од епицентарот на пожарот може да биде во дозволените рамки, но во регионите што се блиску до пожарот тоа е сериозна закана бидејќи луѓето може да конзумираат контаминирани хранливи производи, предупредува екологистката.

На 19 јуни во мртвата зона околу „Чернобил“ се запали сува трева и вегетација. Првично пожарот зафати 1.300 декари, а сега горат вкупно 52 декари.