Лекари и персонал од скопската клиника за кардиологија се потполно незадоволни од функционирањето на установата и бараат разрешување на директорот Жан Зимбаков, дознава Радио Лидер од свои извори.
Соговорниците на радиото од клиниката, вработените испратиле бројни писма со поплаки до Министерството за здравство, затоа што, како што велат, на штета на пациентите клиниката не набавува основни материјали.
„Директорот и заменикот не набавуваат основни материјали за извршување на дел од операциите, па приморан сум пациентите да ги праќам на приватни клиники или во странство иако овде ја имаме најсофистицираната апаратура“, стои во едно од писмата до министерството за здравство во кое увид имале во Радио Лидер.
Во писмото, докторот опишува и пример со конкретен случај.
„Нашата клиника поседува најсофистицирани и скапо платени Мапинг системи за електростимулација на срцевите заболувања но не се набавуваат потребните материјали иако има постоечки тендер. Како последица од тоа, пациентите се принудени спасот да го бараат во странство каде што за истите интервенции се плаќа повеќе од десетина илјади евра. Колегите шпекулираат дека материјалите не се набавуваат поради нерешени бизнис релации на медицинскиот директор Жан Зимбаков и заменикот Бушлетиќ со добавувачите, поради наводно неисплатени проценти. Но не би навлегувал во тоа, факт е дека пациенти одат во странство иако истите зафати може да се извршат кај нас“, наведува во дописот неименуваниот лекар до министерството.
Како што се дознава, лекарите и персоналот подготвуваат и порадикални чекори а во наредните денови Радио Лидер најавува дека ќе објави и други детали од работењето на Зимбаков.