Московскиот суд му изрече казна од 20 милиони рубљи (325.000 долари) на Радио Слободна Европа / Радио Слобода (РСЕ/РЛ) за „лажна“ содржина во врска со руската „воена операција“ во Украина, објави Интерфакс.
Рускиот медиумски регулатор ја блокираше веб-страницата на РСЕ на почетокот на март, заедно со другите светски медиуми.
Според Радио Слободна Европа, Русија во март воведе закон кој принуди многу странски медиуми да се повлечат поради цензура. Законот го прогласи за кривично дело ширењето на „лажни“ информации за инвазијата на Украина, а предвидува и казни до 15 години затвор.
Девет веб-страници на РСЕ/РЛ на руски јазик и 18 нејзини руски новинари претходно беа означени како „странски агенти“. Блокадата ги спречува руските корисници да пристапат на страницата на рускиот сервис на Радио Слободна Европа.
Во петокот, на 3 јуни, Министерството за надворешни работи на Русија испрати порака до правните претставници на странските медиуми кои се во Москва со намера да ги „објаснат“ последиците од, како што велат, „непријателските дејствија на Западот“.
Русија ги предупреди странските медиуми за последиците од „непријателските дејствија на Западот“, изјави во петокот портпаролката на руското Министерство Марија Захаров, поканувајќи ги претставниците на западните медиуми на состанок.
Захарова рече дека прес-центарот на Министерството ќе им ги објасни последиците од „непријателската политика на нивните влади“ на претставниците на западните медиуми на планираната средба.