Неодамна во моја колумна на порталот НетПрес (под наслов: Што се случува на медицинскиот факултет-Скопје? на 24.10.2024), имавте можност да прочитате за етичките но и законски прекршувања на постапката за избор во наставно-научно звање, поддржани од членовите на рецензензионата комисија, за примената на двоен аршин, како и злоупотребување на дискреционите права кои се случуваат на Институтот за судска медицина при Медицинскиот факултет УКИМ Скопје, како и Катедрата за судска медицина која е неделив дел од институтот, а во врска со процесите за избор во наставно-научно звање, поточно, најсуштинскиот дел во напредокот на кадарот кој е вработен на факултетот. Директна жртва на неетичкото и незаконското работење на Катедрата по судска медицина (за што сум вршел Надзор во Април 2017 година, и конкретно сум го констатирал на записник) е Проф.д-р Наташа Давчева, професорка етаблирана во земјава но и во светот, која предава на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД), како и во Република Словенија, членка во Европската Унија, па сепак со насилие и незаконитости и е одземено правото да предава на Медицинскиот факултет во Скопје, каде е во работен однос цели 27 години.
Како е избран вонредниот професор Александар Станков во наставно-научно звање?
Од документацијата (докази и факти) со која располагам, каде што деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, носи Одлука бр.02-1675/1 од 19.05.2020 година, за распишување Конкурс за избор на еден наставник во сите наставно-научни звања по предмети од наставните-научни области: Судска медицина, Форензична психијатрија и Медицинска етика и Деонтологија на Медицинскиот факултет – Скопје. Истиот е објавен на ден 22.05.2020 година, во дневните весници „Нова Македонија“ и „Коха“. На 10.06.2020 година, Наставно-научниот совет (ННС) на Медицинскиот факултет – Скопје, донел Одлука бр.02-1868/3 од 10.06.2020 година, за формирање на Рецензиона комисија за избор на еден наставник во сите наставно-научни звања по предмети од наставните-научни области: Судска медицина, Форензична психијатрија и медицинска етика и деонтологија на Медицинскиот факултет-Скопје, рецензиона комисија во состав: професорите д-р Биљана Јанеска, д-р Верица Попоска, д-р Златко Јаќоски, д-р Здравко Чакар, сите од Катедрата за судска медицина, како и д-р Алберто Бенедети на Катедрата за максилофацијална хирургија на Стоматолошкиот факултет – Скопје. Донесената Одлука е доставена и до Рецензионата комисија, преку архивата на факултетот на Медицинскиот факултет во Скопје. Како единствен кандидат се јавува д-р Александар Станков-доцент.
Еве го парадоксот и апсурдот за избор во наставно-нучно звање вонреден професор
Избраниот кандидат д-р Александар Станков-доцент, сегавонредниот професор, воедно и Раководител на институтот за судска медицина, бил избран во наставно-научно звање вонреден професор во наставно-научната област судска медицина така што: Донесената Одлука со бр. 02-1868/3 од 10.06.2020 година, која била донесена и изгласана на седница на Наставно-научниот совет за формирање на рецензиона комисија. (внимавајте на парадоксот и апсурдот) Рецензионата комисија со однапред бланко подготвениот Извештај и Реферат го предаваат во Архивата на факултетот на 11.06.2020 (!), односно еден(1) ден по седницата на Наставно научниот совет на Медицинскиот факултет во Скопје, така што истиот е објавен во Билтен бр. 1217 од 15.06.2020 година, на УКИМ-Скопје.
Го поставувам прашањето: Како е можно?
Кога се состанала рецензионата комисија и кога го подготвила РЕФЕРАТОТ за објавување во Билтен, а предаден во Архивата на факултетот на 11.06.2020 година, односно еден ден по Седницата на Наставно научниот совет (ННС).
Што стои во Законот за високо образование (ЗВО)
Согласно член 173 став (1) од Законот за високото образование (Сл.весник на РМ,бр.82/2018) при постапката за избор на кандидати во наставно-научни, наставно-стручни, наставни, научни и соработнички звања… изборот се прави врз основа на оценката во рефератот на рецензионата комисија. Во истиот член став (8) стои дека за сите пријавени кандидати рецензионата комисија поднесува реферат во писмена форма во рок од три месеци од денот на доставувањето на целокупната документација до сите членови на рецензионата комисија… Во истиот член од ЗВО став (13) стои дека постапката за избор во наставно-научни, наставно-стручни, наставни и соработнички звања на универзитетот се уредува со општ акт на универзитетот, односно на самостојната висока стручна школа.
Почитувани читатели,
Доколку се има во предвид дека седниците на Наставно научниот совет се одржуваат во периодот од 12 до 14 часот, како што се случило и со седницата на 10.06.2024 година, на овој факултет, а веќе изготвениот ИЗВЕШТАЈ И РЕФЕРАТ била предадена за објавување веќе на 11.06.2020 година, (констатирано и од вонредниот инспекциски надзор на Државниот просветен инспекторат), тоа значи и се поставува прашањето: Дали рецензионата комисија работела после работното време и во текот на целата ноќ за да една постапка за која е законски предвиден временски рок до 3 месеци, биде завршена за една ноќ и надвор од работното време? Многу сомненија за образовен криминал при постапката за избор во наставно-научно звање!
Кои се постапките кои го уредува општиот акт на универзитетот?
Во продолжение ќе ги прикажам сите чекори во постапката кои ги пропишува Правилникот за посебните услови и постапката за избор во наставно-научни, научни, наставно-стручни и соработнички звања и демонстратори на УКИМ Скопје, а кои биле завршени за една ноќ од страна на Рецензионата комисија во состав: Проф. д-р Биљана Јанеска, Проф. д-р Верица Попоска, Проф. д-р Златко Јаќовски, Проф. д-р Здравко Чакар, Проф. д-р Алберто Бенедети.
Постапките се следни:
- Најпрво Деканот во рок не подолг од 8 дена од денот на донесување на одлуката за формирање на Рецензиона комисија ги известува членовите на комисијата и им ја доставува документацијата (член 32 од Правилникот). Нормално, овој период изнесува неколку (околу 5) дена.
- Согласно член 34, Рецензионата комисија е должна да поднесе Реферат во рок од три (3) месеци.
- Рефератот комисијата го поднесува до Архивата на факултетот каде тој се заверува (член 37).
- Во рок од 3 работни дена од заверувањето, факултетот е должен да го достави Рефератот до Универзитетот заради јазични корекции.
- По доставување на јазично корегираниот Реферат од Универзитетот до единицата, Рецензионата комисија е должна во рок од 3 работни дена да ги изврши корекциите.
- Јазично корегираниот Реферат, потпишан од претседателот или од член на комисијата на секоја страна, повторно се доставува во Архивата на факултетот.
- Факултетот е должен во рок од 3 работни дена јазично корегираниот Реферат да го достави до Универзитетот заради објавување во Билтен.
Почитувани читатели!
Доколку била возможна оваа приказна, погоре расчленета во чекори кои морале да бидат завршени за само една ноќ, дури и кога би било возможно (!), сепак постои доцнење од цели 6 дена имајќи го предвид Упатството за начинот и постапката за издавање во Билтенот на УКИМ-Скопје, што покажува дека се прекршени предвидените рокови во постапката.
Имено, во Упатството за начинот и постапката за издавање во Билтенот на УКИМ, член 6, децидно стои: „материјалите до Универзитетот се доставуваат најдоцна до 5. ден во месецот, за да се објават во Билтенот кој излегува на 15 ден во месецот, односно најдоцна до 20 ден во месецот, за да се објават во Билтенот од првиот ден во наредниот месец“.
Сосема е јасно и недвосмислено, дека не била спроведена законски пропишаната постапка на избор, бидејќи, не за еден ден туку за една ноќ Рецензионата комисија направила евалуација на целокупната документација, „соодветно“ ја бодувала според Анекс 5 од Правилникот за избор, па по целокупната математика на множење и собирање на бодовите, успеале да го напишат Рефератот преку ноќта, за тој следното утро да биде предаден во Архивата на факултетот. На самиот крај, вака изготвениот Реферат de facto е објавен во Билтенот спротивно на пропишаното упатство и роковите дадени во него, односно со задоцнување од 6 дена.
Прашувам: Дали временскиот теснец во изборот на Александар Станков можеби имплицира дека оценката од комисијата била дадена бланко, односно без да си земе време комисијата за вистинско и прописно евалуирање на постигнатите резултати на кандидатот? Дали можеби Рецензијата била напишана уште пред формирањето на Рецензионата комисија на седница на ННС?
За воља на вистината (како што говорат фактите и доказите), не е прв пат Александар Станков да биде избран во звање со вакви незаконски дејанија. Истото се случило при неговиот избор за Доцент (Билтен 1111 од 16.11.2015 година), кога Одлуката за формирање на рецензиона комисија е донесена на 10.11.2015, а Рефератот е објавен на 16.11.2015.
За крај, целокупниот овој образовен криминал од избор во наставно-научно звање е овозможен со Амин на шефицата на Катедрата проф.д-р Верица Попоска (една од рецензентите за избор на Александар Станков), која во недостаток на визија за развој и напредок на Катедрата веќе еднаш конкретно е опомената од страна на Државниот просвететен инспекторат за несериозен пристап во водењето на Катедрата, се става себе си во улога на извршител на желбата и манипулациите на раководителот Александар Станков!
Претходно наведените факти и докази се непобитни, поткрепени со конкретни датуми и објавени универзитетски билтени. Државниот просветен инспекторат, согласно член 206 став(3) од Законот за високо образование, може да изврши надзор над законитоста на постапката за избор во наставни, наставно-научни, и соработнички звања и над исполнетоста на условите за избор во звање и да покрене постапка пред надлежен суд најдоцна во рок од 5 години на денот кога е извршен изборот.
И сега, Директорот на државниот просветен инспекторат, Шабан Алајбегу, и Министерката за образование и наука Весна Јаневска се на потег.
ПОВЕЛЕТЕ!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес