Текстов е поттикнат од една објава на „другарката“ Шеќеринска на социјалните мрежи, во која таа гордо изјавува дека традиционално, во чест на Денот на независноста, искачувале височини. Уште вели дека годинава независноста ја одбележувале како членка на НАТО. И, на крај, она неизбежното – „Ние сме НАТО“.
Најпрво, доколку не го забележите датумот на објавата, нема да ви биде јасно во чест на чија независност, облечена во НАТО одеждата, искачува врвови „другарката“ Шеќеринска. Зашто, независност слават државите, а тие имаат име. Име заради кое не се искачуваат врвови, туку и се гине доколку треба. Државата на „другарката“ Шеќеринска како да нема име. Или, таа се срами да го каже.
Потоа, височини може да искачуваат само оние кои работеле и работат во име на својот народ и својата држава. Височини може да искачуваат горди и достоинствени луѓе водени од гласот на својот народ, а не некој кој спротивно на неговата волја го избришал токму името на државата на тој народ. Височини не може да искачува некој кој спротивно на референдумски јасно изразената волја на народот, го сменил името на неговата држава. Тој може, за жал, наместо кон височини да се движи кон длабочини – некаде кон дното. И со себе да ја влече и државата и народот – кон дното.
Но, зарем е важно сето ова кога, нели – „Ние сме НАТО“. А, откако сме НАТО, толку сме безбедни што со својата потчинетост, таму некаде од искачените „височини“, зрачиме со сигурност и безбедност, како пример за несигурниот и се понапрегнат свет.
И, за да стане јасно дека НАТО, заради чие членство насилно ни го одзедоа името и идентитетот, не само што не е гарант на мирот, туку е често и закана токму кон светскиот мир; дека НАТО не е гарант на мирот дури ни меѓу државите негови членки, ќе се осврнам на состојбата овде во нашето соседство.
Имено, сведоци сме на се’ поголемата напрегнатост во односите меѓу Република Турција и официјална Атина. Сведоци сме на преселбата на тенковски дивизии од централна Турција во регионот на Едрене, односно на турската западна граница. Истовремено, официјална Атина носи одлука за модернизирање, зајакнување и поголемо финансиско вложување во своите воени сили. Тоа ќе рече, јасно воено засилување.
Сведоци сме, значи, на се поголема закана од можен воен судир меѓу две земји членки на НАТО, судир врз кој, очигледно, НАТО, во својата бирократска немоќ, доколку се случи, не ќе може да влијае. Истовремено сме сведоци на повторна арогантност на една од засегнатите држави, како и во примерот со Македонија, кога земји членки на ЕУ, истовремено членки и на НАТО, пристрасно заземаат страна во овој спор. Погодувате, нели, дека Атина повторно го користи членството во ЕУ за да добие непринципиелна поддршка и да ги искористи двојните стандарди во односите на еврократите. Токму затоа, Република Турција, се’ повеќе ги продлабочува и ќе ги продлабочува своите односи со Руската Федерација, се’ до степен на можно излегување од членството во НАТО. Русија, со тоа, откако го има Крим и директен излез на Црното море, а преку Босфорот и директен излез на „топлите мориња“, што е нејзин вековен стратегиски стремеж, ги зајакнува своите позиции во Средоземноморскиот базен, а се’ повеќе го губи интересот за Вардар – Морава правецот, за кој до скоро важеше тезата на Бизмарк дека оној кој ја контролира Вардарската долина, ја контролира Европа. Бугарската држава, свесна за ваквиот развој на нештата, уште пред две години потпиша договор за поместување на трасата на брзата пруга и гасоводот „Јужен тек“ од Солун, преку Кулата, Благоевград и Софија, кон централна Европа, а денес, преку претседателот на државата кој се залага за купување на авиони ловци од шведско производство, некомпатибилни со оние на НАТО, испраќа јасна порака за можниот правец на идното делување. Ако кон ова ги додадете секојдневните протести против Владата на Борисов, работите стануваат се појасни.
Република Турција, откако се „стационира“ во Либија, како стратегиски партнер на тамошната легална Влада, инаку нормално непризнаена од еврократите, со цврста руска поддршка, стана најсериозен „контролор“ на средоземноморието преку оската Анкара – Триполи. И нормално, ЕУ овојпат предводена од Макрон, кој се’ појасно се наметнува како ЕУ лидер откако „госпожа“ Меркел со погрешните политики ја стави сопствената држава во втор план, застанува на страната на своето галениче – Атина. Па така, заради свое поголемо присуство во земјите на северна Африка, чија популација претставува речиси половина од жителите на Франција, Макрон, преку потпишување некаков смешен договор меѓу Атина и Каиро, воспоставувајќи средоземноморски мост меѓу двете држави, сака да има свое, а да го намали руското влијание во Средоземното море. Со тоа, најверојатно, за прв пат во историјата, Атина може да биде искористена како монета за поткусурување во „пазарот“ на големите сили.
Истовремено, српскиот претседател Вучиќ свесен за намалениот руски интерес за Вардар – Морава правецот, во Вашингтон со претседателот Трамп, потпишува договор со кој речиси официјално се откажува од гасоводот „Јужен тек“, а со тоа и од руското присуство во Србија, со што и на Косово, што значи и на Албанците во регионов, им ја одзема силата на американско галениче, подарена од длабоката држава на Клинтон – Обама администрацијата.
И сега, каде сме ние во сето ова? Каде сме ние во моментите на геостратегиски позиционирања и зафаќање позиции во скорешната разврска ?
„Ние сме НАТО“, што би рекла „другарката“ Шеќеринска, ние сме окружени со „пријатели“, стекнати со „шарм“ дипломатијата на Димитров, ние сме покорни слуги на веќе поделените ЕУ и НАТО, што го реализира Заев. Со самото тоа, ние сме никаде, оставени на милост и немилост, оставени на развојот на настаните во светската политика и на големодржавните стратегии на „пријателските“ соседи. Ние сме кајче кое Груби и Заев го пловат со скршени весла. Нам, едноставно ни гори под нозете, ама не од „струјниот“ удар на скапата струја, не од ниската цена на грозјето, не од погрешните здравствени политики. Нам ни гори под нозете од немањето национална стратегија, од незнаењето и немоќта на актуелната власт, од можноста да бидеме „однесени од виорот“ што се наближува.
Време е да станеме во одбрана на националните интереси на македонскиот народ, јасно и гласно кажувајќи дека ние сме Македонци и дека преку постоењето на сопствената држава Македонија, ќе опстанеме во битката за своите права и своето постоење.
Нема друго – Македонија и Македонци.
Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес