„Има, како и секаде, една одредена мала група корумпирани луѓе што работат тука и кои успеваат да „бутнат“ по некој телефон. Ние вршиме редовни контроли, одземаме дел од тие телефони и ги санкционираме виновниците, вели директорот на Истражниот затвор Скопје во Шутка, Есад Рахиќ, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
На прашањето, каков третман добива Катица Јанева таа во женското одделение, тој вели дека е таа во еден посебен оддел каде што според безбедносната проценка на затворската управа има друг третман, од безбедносен здравствен и друг аспект.
„Во принцип, ниедно притворено лице не е само, секогаш мора да има уште еден. Меѓутоа, со оглед на тоа што станува збор за личност која била специјален јавен обвинител, ние сметавме дека во еден временски период треба да направиме комплетна безбедносна и здравствена проценка и госпоѓата да биде сместена на адекватно место. Малку сме ограничени со тие сместувачки капацитети, ние имаме три одделенија и за жал после подолго време, прв пат во историјата на притворот и на затворот се случува да имаме некаде околу 18-20 жени, најмногу имало по 3-4. Тоа се поголеми одаи, да не речам ќелии, во кои има по 4,5 или 6 жени. Малку е незгодно, има разни профили на жени внатре, имате женски лица судени за убиство, за изнуда и малку е тешко да вклопите еден таков профил, како госпоѓа Јанева, меѓу тие лица. Но, но ние си ја вршиме нашата работа, така што таа е сместена на најдобар начин кој што можеме да го направиме“, вели Рахиќ.
Додава дека во хашкото одделение во моментов од 20-тина притвореници, еден или двајца се ВИП.
А, во врска со фотографиите од притвор од осомничениот Боки 13 во случајот „Рекет“, објаснува дека е тешко да се контролира нешто што е ендемско. „Вршиме редовни контроли, одземаме дел од телефонски апарати и тие кај кои се наоѓаат се санкционираат. Во моментов се води постапка против еден затворски чувар. Има изјава од притворено лице, според која тој земал пари, а не испорачал телефон и не ги вратил парите. Ги информиравме надлежните органи за тоа лице да биде санкционирано. Тоа е нешто што лично сметам дека е аномалија, ќе се обидеме да ја исправиме. Во зависност од корисникот на телефонот и од марката на телефон, нелегално се продаваат за 200 евра, па и повеќе. Само минатата недела запленивме околу 10-15 мобилни телефони“, вели Рахиќ.